Бизнис
3. May 2017 - 14:10

Експерти дебатираа за намалувањето на прагот на регистрација за даночни обврзници

Намалувањето на прагот на регистрација за даночни обврзници од 2 милиони на 1 милион денари  денеска беа тема на расправа на конференцијата што ја организираше Правниот факултет во Скопје.

Со ваквото решение физичките лица кои оствариле дополнителни приходи кои надминале еден милион денари по автоматизам стануваат ДДВ обврзници, односно се подложни на плаќање на оваа законска обврска. 

- Највпечатлива е промената на прагот на регистрација кој е симнат од два на еден милион денари што значи дека поголем број физички лица кои претходно не биле, сега ќе бидат опфатени како ДДВ обврзници во поглед на закупнините што ги остваруваат како приходи при издавање на простор за вршење на деловна дејност, истакна проф. д-р Александра Максимовска од Правниот факултет. 

Според неа, не е срамота да се работи и да се заработува еден милион денари, но добро е граѓаните да знаат колку ќе бидат оданочени.

За дел од експертската јавност со ваквото решение се зголемува опфатот на даночни обврзници, а со тоа и приходите во Буџетот на Република Македонија.

Професорот Ванчо Узунов од Правниот факултет посочи дека ваквата промена се прави за да се соберат повеќе пари во Буџетот на Република Македонија по однос на даноци, а се воведува дополнителен данок за одредена категорија граѓани.

Директорката на Управата за јавни приходи Анастасија Илиевска истакна дека ваквото решение не е ново и со пакетот на антикризни мерки прагот на регистрација бил зголемен на 2 милиони денари, а од 2014 година е намален на 1 милион денари. Намалувањето на прагот на регистрација, како што посочи Илиевска, е направено со цел да се озбебедат фер и еднакви услови за сите и да се зголеми лојалната конкуренција. 

Измената на прагот на регистрација е направена во 2014 година, а почна со важење од 1 јануари 2015 година.