Македонија
18. February 2017 - 22:42

Ексклузивно интервју со американскиот амбасадор Џес Бејли

 За САД е приоритет идната влада да биде посветена на потребните итни реформи, рече американскиот амбасадор Џес Бејли во ексклузивно интервју во централниот вечерен дневник на телевизијата Сител.

Според него, одлука на партиите е каква влада ќе оформат откако изборите на 11-ти декември донесоа исклучително тесен резултат. За амбасадорот Бејли, преговорите за обезбедување мнозинство е нормална практика во парламентарните демократии.

За САД е приоритет идната влада да биде посветена на потребните итни реформи, рече Бејли без да навлегува во коментирање на опцијата која ја предлага ВМРО-ДПМНЕ за одење на нови избори, ниту, пак, можноста за формирање широка влада од сите партии која ја заговараа некои политичари. Сепак, според него, не може да се знае дали нови избори би донеле поинакви резултати

„Дали ќе се формира нова влада ќе зависи од 61 пратеник во Собранието. Ќе мора нив да ги прашате за тоа. Но, мојата анализа на ситуацијата е следната. По целиот процес имавте избори на 11 декември на кои имаше висока излезност и од кои произлегоа тесни резултати меѓу партиите. Ова беа можеби најтесните избори во Македонија. Сега имате задача да преминете од избори на нова влада. Затоа партиите, различните политички опции се обидуваат да состават коалиции со кои ќе владеат и ќе ја придвижат земјата напред. Што се однесува до меѓународната заедница. Ние потенциравме, и други амбасадори потенцираа исто што и Комесарот Хан- од наша перспектива она што е важно е новата влада да работи кон исполнување на реформите кои беа утврдени со договорот од Пржино, ургентната листа на реформи од извештајот на Прибе, тоа го очекуваме од владата. Предизвикот кој постои во моментов да се обезбеди мнозинство во Собранието, не е невообичаена ситуација за една парламентарна демократија, но во некои случаи ќе бара да не се спроведува политика во која едната страна ќе наметнува нешто, ќе се заканува, а другата страна ќе бојкотира. Таквата политика нема да ве однесе од оваа ситуација кон реформската агенда која мислам дека граѓаните на оваа земја ја поддржуваат“, рече Бејли за Сител.

„Не е мое да одлучам која опција е вистинската. Партиите ќе мора да го направат тоа. Било која одлука, дали да се оди на владина широка коалиција или нови избори ќе бара поддршка од 61 пратеник. Јас како пријател би посочил дека нови избори не мора да донесат поинакви резултати. На Телма пред неколку дена се емитуваше анкета која покажа дека граѓаните не се толку заинтересирани за нови избори. Па сметам дека предизвикот е да се владее со резултатите кои ги имаме и да видиме каде тоа ќе води. Јас не знам како ќе биде но одлуката зависи од Собранието“, додаде американскиот амбасадор.

Американскиот амбасадор Џес Бејли во ексклузивно интервју за Сител вели дека одговорил на прашањата кои до него и до амбасадата на САД ги испрати конгресменот Крис Смит со уште петмина конгресмени како и сенаторот Мајк Ли во врска со обвинувањата за мешање на амбасадата во изборите во Македонија преку поддршка за ултра-левичарски организации, медиуми и интернет портали.

„Надзорот на Конгресот врз извршната власт е нормален дел од нашата демократија и ние ја цениме можноста да соработуваме со Конгресот и да им кажеме што правиме и да им го објасниме контекстот зошто тоа го правиме. Во одговорот, ние ја појаснивме нашата улога која граѓаните тука многу добро ја знаат, за Пржинскиот договор, за соработката со Европската Унија, помошта во седнувањето на партиите на заедничка маса, доаѓањето до изборите кои ги имавте на 11 декември а сега во процесот на формирање влада. Ние ги соопштивме сите тие работи, соопштивме како нашата помош функционира во земјата, дека поддржуваме изградба на институциите во здрава демократија, тоа вклучува учество на граѓаните во нивната работа,како и на медиумите. Го соопштивме сето тоа во нашиот одговор. Веројатно ќе прашате зошто не го објавиме одговорот? Постои едноставен одговор. Стејт Департментот не ги објавува јавно своите кореспонденции со Конгресот. Понекогаш Конгресот ги објавува, како што сенаторот Ли на пример го има објавено писмото на неговата веб страна. Значи можеби тоа ќе биде објавено, но во него нема ништо особено ново или изненадувачко освен детали занашите програми и грантови – изјави Бејли за „Сител“.

Бејли го коментира и таканаречениот процес на десоросоизација кој со манифест го најави ВМРО-ДПМНЕ по изборите. Бејли тврди дека УСАИД не работи против владата.

„Дека УСАИД работи за уривање на владата едноставно не е точно.Дозволете ми да ви кажам што ние поддржуваме преку своите грантови на пример за фондацијата “Отворено општество”. Тие менаџираа со грант за ‘Граѓанско учество’. Што тоа значи? Значи жените во Тетово да работат заедно кон подобрување на родовата еднаквост во нивната средина, во нивната општина. Граѓанско учество значи и младината во Велес или Делчево да работи за подобрување и разубавување на својата средина Значи и жителите на Битола да ги постават прашањата за животната средина и загадувањето на воздухот. Тоа го подразбираме под “граѓанско учество”. И на тоа се однесува грантот на УСАИД. Грантовите не се за поддршка на некоја идеологија или политичка партија, или било што слично. Се работи за создавање услови за активна и здрава демократија“, тврди Бејли во интервјуто.