Македонија
2. February 2019 - 19:38

Ексклузивно интервју на Сител со Груевски од Будимпешта - прво по бегството од Македонија

Вечерва на вестите на Тв Сител, ексклузивно за првпат откако замина во Унгарија и доби политички азил во јавноста интервју даде поранешниот премиер Никола Груевски.

Од 20 ноември тој има статус на азилант, поради политички прогон од власта во Република Македонија.

Во интервјуто Груевски објасни дека слободно може да се движи низ Унгарија и засега живее со пријатели.

-Со луѓе од власта немам контакт, со сопартијци од раковоството не, но многу мои пријатели од партијата, се слушам и се гледам- рече Груевски.

Од Македонија вели дека заминал многу едноставно, но не откри дали било на легален или нелегален начин.

- Од Македонија заминав многу едноставно, во Албанија, се пријавив во амбасадата во Тирана каде што побарав политички Азил и оттаму дојдов во Унгарија на начин што беше одлучено по одредени нивни консултации заради фактот што долги години бев премиер заради безбедносни причини добро е да бидам во Унгарија. Ќе оставам власта да поработи на тоа дали личната карта ја користев за преминување на границата. Во Унгарија влегов со изваден документ од Унгарската амбасада во Тирана - посочи Груевски.

-Апсолутно имам намера еден ден да се вратам во Македонија. Тука сум за да се засолнам од политичкиот прогон откако увидов дека сите апсурди се надминати и дека властите имаат намера да одат до крај. Јас во Македонија бев осуден за работи за кои во други земји членки на ЕУ, судски случаи воопшто не би ни биле покренати, изјави поранешниот премиер на Македонија,  Груевски .

Груевски нагласи дека побегнал од Македонија бидејќи од сигурни извори дознал дека му се спрема ликвидација во затворот.

Груевски истакна дека не им се лути на неговите доскорашни блиски соработници за изјавите, со кои го осудуваат неговото бегство.

-Тоа само докажува дека луѓето се апсени по политичка одлука, а не по судска. Тие ни криви ни должни беа уапсени. Имав информација дека Миле Јанакиески и Кирил Божиновски биле ставени на список за притвор за предметот Талир, но вака добија притвор десетина дена порано, вели Груевски.

Тој додаде дека неговите сопартијци биле под притисок.

-Луѓето беа во тешка ситуација, тие се под тежок притисок. Власта владее само со уцени, со страв. Не им се лутам, мораат така да кажат и јас ги разбирам. Ја разбирам и Јанкулоска, таа е притисната, во таква ситуација каква што е, не и замерувам. Јас знам како мислела претходно, но нема сега да откривам и да правам споредби. Тоа го прават заради вербата дека ќе го намалат политичкиот прогон врз нив, вели Груевски.

На прашањето дали сега знае точно кои му се пријатели, Груевски рече дека мнозинството сепак му останале пријатели.

-Околку 90 проценти ми се пријатели, а 10 проценти не. Тие се малцинство, мене тоа ме радува. На има дваесетина луѓе на кои многу сум им помогнал, излегоа дека половина од нив сега не ми се пријатели, рече бегалецот.

Тој најави дека ќе пишува и мемоари, бидејќи на прашањето дали меѓу овие луѓе има и поранешни министри тој рече „Оставете нешто и за моите мемоари“.