Македонија
11. December 2018 - 21:41

Екс спикерот на парламентот сведочи за 27 април: Ниту сум помислил, ниту сум дал наредба да се отворат вратите на Собранието

Претседавачот со конститутивната седница Трајко Вељановски вели дека не помислил ниту рекол некому да ги отвори собраниските врати на 27 април. Тој како сведок на обвинетиот Горан Ѓошевски, три часа одговараше на прашања во судницата. Негираше дека добил наредба од Билјана Бришковска да се отворат вратите на собранието. Вели дека таквите тврдења не се точни. Најмногу прашања, Вељановски доби од судијката Добрила Кацарска – го испрашуваше за комуникацијата што ја водел со обвинетите, Ѓошевски, Чавков, Мукоски.. Ваквите прашања беа изненадување за одбраната.

Како сведок на одбраната денеска сведочеше и пратеникот Зијадин Села. Рече дека на 27 април му се јавил Зоран Заев и му кажал оти ќе се избира претседател на собранието од редовите на новото парламентарно мнозинство. За Села е сомнително што тој ден не биле присутни неколку претседатели на партии па се сомнева дека целиот настан бил претходно организиран.

Судењето за 27 април продолжува во четврток со докази на обвинетите.