Македонија
7. April 2019 - 16:01

Екс градоначалничката на Кисела Вода и актерка, Билјана Беличанец пронајдена мртва, истрагата треба да ги открие мотивите

МВР и Јавното обвинителство ги утврдуваат мотивите за самоубиството на актерката Билјана Беличанец Алексиќ.

Доцна синоќа безживотното тело во бањата во семејниот дом го пронашол нејзиниот сопруг. По извршениот увид, телото е предадено на обдукција, по што се најавуваат повеќе информации за јавноста.

Беличанец си го одзема животот на 45-годишна возраст. Зад себе остави две деца, сопруг и богата актерска кариера. Од 2013-та до 2017-та беше и прв човек на општина Кисела Вода од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Телеграма со сочувство до семејството пополаднево испрати Унијата на жени, а опозицискиот лидер преку социјалните мрежи порача дека луѓето коишто оставаат трага никогаш не умираат.

Со Беличанец се опрости и Драмскиот театар каде работеше последните 22 години.

  Огромна празнина останува во Драмски. Нашата Билјана Беличанец е неповторлива. Почивај во мир, напишаа од нејзината матична куќа.

Беличанец остави неизбришлива трага, има одиграно 30тина театарски ликови, а беше добитник и на 4 домашни и маѓународни награди за најдобро актерско остварување.

Со огромна тага преку социјалните мрежи се опростуваат и нејзните колеги, порачуваат дека Македонија изгуби беспрекорен талент и голем пријател.

Комеморацијата за актерката ќе се одржи во вторник во Драмскиот театар Скопје.