Балкан
22. November 2017 - 14:13

„Економист“’: Можно се предвремени парламентарни избори во Хрватска

Не е исклучена можноста хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ да распише предвремени парламентарни избори со цел да го искористи сегашниот рејтинг на неговата партија, а доколку не го направи тоа реформите во земјата ќе се одвиваат бавно, пишува британскиот неделник „Економист“ во специјалното издание „Светот во 2018“. 

Аналитичарите на британскиот неделник оценуваат, дека коалициската Влада предводена од конзервативната Хрватска демократска заедница (ХДЗ) е слаба, а Пленковиќ може да распише предвремени избори за да го искористи рејтингот на партијата.

- Доколку обезбеди посилен мандат, Владата ќе се обиде да го ограничи големиот јавен долг и да ги поттикне домашните инвестиции, наведуваат аналитичарите.

„Економист“ очекува раст на хрватската економија за 2,6 отсто, што е поспоро во однос на оваа година, а таа проценка е помала од прогнозите на повеќето други аналитичари и институции. 

- Инфлацијата во Хрватска следната година може да изнесува 1,8 осто, а буџетскиот дефицит 1,6 отсто од БДП, пишува британскиот неделник.