Македонија
14. September 2020 - 21:30

Еколошка катастрофа во Саса, пукна јаловината и се излеа во Каменичка река

Еколошка хаварија се случи утринава во Македонска Каменица, кога се сруши насипот на јаловиштето 4 на рудникот за олово и цинк „Саса“. Јаловината се слеа во коритото на Каменичка река, која пак се влева во браната Калиманци, главната хидроакумулација во Источниот регион, која во моментот е со минимален капацитет. Жителите на Македонска Каменица и посебно оние по течението на реката утринава околу 5, 30 ги разбудил силен тресок.

За инцидентот први алармираа од риболовното друштво „Шаран“. Според нивните проценки во раката се слеале околу 3000 метри кубни јаловина. Засега нема регистрирано помор на риби во реката и езерото, но опасност се уште постои.

Повеќето жители се занимаваат со сточарство, а единствен извор за напојување на добитокот им била реката. Пред 10 години се случи многу поголема катастрофа и беше потребно долго време за да се исчисти коритото.

Сега ова пак мора да се чисти, инаку многу ќе биде лошо и за природата и за стоката. Не само за мојата стока, туку за сите кои имаат добиток. Сите напојуваат вода од реката - додаде жителот на с. Саса.

Од рудникот „Саса“ информираа дека дефектот за кратко време е саниран, а стручни екипи на лице место утврдиле дека нема опасност по здравјето и безбедноста на рударите и жителите од околните места. За инцидентот ги известиле сите надлежни институции на државно и локално ниво.