Македонија
20. November 2015 - 13:55

Екологистите бараат законски мерки за намалување на загаденоста

Системска и координирана активност на надлежните институции, бараат еколошките организации во Македонија за намалување на загаденоста на воздухот во земјава.

Предлагаат итни мерки кои треба да се преземаат, за оваа, како што велат, алармантна состојба во земјава, а кои се однесуваат на сите надлежни и ги опфаќаат сите извори на загадување – сообраќајот, индустријата, градежништвото и домаќинствата.  

- Темата е важна за сите бидејќи неколку години по ред во кои се јавува загадувањето на воздухот не се преземаат мерки кои ќе придонесат за намалување на загаденоста на воздухот, рече Ана Чоловиќ-Лешоска од „Еко свест“.

Порача дека загадувањето не е проблем само на една институција и оти она што недостига во преземањето мерки е немањето меѓусебна  соработка.

Александра Бујароска од „Фронт“ рече дека бараат промена на Законот за квалитет на амбиенталниот воздух за да се овозможи спроведување на мерките.

- Препораката на надлежните да не се излегува од дома и да не се проветруваат просториите кога има загадување не се мерки, смета Бујароска и додава дека на овој проблем треба сериозно да се пристапи.

Мерките, според неа, треба да бидат законски утврдени и институциите да реагираат координирано и ситемски.

Ја поздравија мерката на Гадот Скопје за прскање на улиците, но велат дека една мерка може да придонесе намалување на само еден процент. Треба да се преземат конкретни и сеопфатни мерки за да се намали загадувањето.

За да се намали загадувањето во градовите апелираат и до локалните самоуправи кога подготвуваат и носат детален урбанистички план да побараат мислење за влијание на животната средина, бидејќи, како што појаснуваат, една од причините за загадувањето е и просторната поставеност на објектите во градот.

Итните мерки кои ги упатуваат до Министерството за животна средина и просторно планирање, МВР, Центарот за упавување со кризи и градоначалникот на Град Скопје, предивдуваат план за режим на сообраќајот ако загаденоста е подолга од 10 дена,  јавниот сообраќај да биде бесплатен, како и забрана за сообраќајот во централното градско подрачје. Во делот на индустријата предлагаат привремена забрана за работа на индустријата и засилување на инспекцијата. Во секторот градежништво предлагаат да се применат мерките за заштита од емисии на прашина за сите објекти и забрана на градежни зафати на територија на градот.  За домаќинствата предлагаат социјална помош за лицата кои не можат да обезбедат средства за загревање  со цел да се избегне палење синтетика, пластика, гума и  други токсични материјали за огрев.

Тие бараат и редовни средби на Советот за справување со загадување, кој, како што велат, не се состанува ниту еднаш годишно.

Мерните станици на Министерството за животна средина во текот на оваа година имаат измерено загадување 90 дена во Центар, 77 во Карпош, 119 во Лисиче, 137 во Гази Баба, 67 кај Ректорат, 105 во Битола, Велес 97, Кочани 98, Кичево 149, Кавадарци 127 и во Тетово 302 дена.

Според Министерството за животна средина и просторно планирање, при надминување на граничните вредности властите се должни да дефинираат мерки за намалување на концентрациите на загадувачките супстанции.

Студија на Светска банка посочува дека Македонија има најзагаден воздух во Европа и е на петто место по годишните смртни случаи предизвикани од загаден воздух односно ПМ10 честичките. Според извештајот на Светска банка цврстите честички се одговорни за 1.350 смртни случаи годишно, но и илјадници изгубени работни денови што претставуваат економски трошок од 253 милиони евра годишно.