Бизнис
21. November 2019 - 16:49

Еко Центар 97 доби дозвола да го чисти отпадот од ОХИС уште четири месеци

Компанијата Екоцентар 97 уште четири месеци ќе го чисти хемискиот отпад од кругот на поранешната фабрика ОХИС, одлучи Собранието на доверители.

Адвокатот на поранешните работници вели дека нема основ за потпишување на анекс на договорот, бидејќи компанијата не го испочитувала рокот за чистењето на отпадот. Тој побарал и да се активира банкарската гаранција на компанијата, но таква одлука не била донесена.

Работниците кои со мирен протест пред судот ја чекаа одлуката на Собранието, велат парите кои компанијата ги зела пред да почне со работа треба да ги вратат. Станува збор за околу 2 милиони евра, пари кои се доволни за исплата на годишна плата за 1000 охисовци.

Сопственикот на Екоцентар 97, Владо Момировски не сакаше да одговара на прашањата.

Инаку, заменик-министерот за животна средина, Макрадули вели дека резултатите кои биле направени во саботата наутро, по хаваријата во ОХИС, покажале дека нема загадување во воздухот.

Појаснува дека сите податоци одат преку МВР и Обвинителството, и кога сите податоци ќе дојдат до Комисијата на Инспекторатот, таа ќе донесе одлука дали компанијата ќе биде казнета или не.