Македонија
23. January 2019 - 15:25

ЕК: „Златните визи“ ќе станат дел од процесот на зачленување во ЕУ

„Златните визи“ или инвеститорски шеми за државјанство им даваат можност на богати инвеститори кои не се државјани на земја на ЕУ да се стекнат со европско државјанство, само врз основа на нивните инвестиции во земјата и со тоа да се стекнат со право на слободно движење во цела ЕУ.

Европската Комисија денеска објави првпат извештај со кој се надева дека ќе може да го регулира феноменот на таканаречените „златни визи“ во земјите на ЕУ и во земјите кандидати, јави дописничката на МИА од Брисел.

„Златните визи“ или инвеститорски шеми за државјанство им даваат можност на богати инвеститори кои не се државјани на земја на ЕУ да се стекнат со европско државјанство, само врз основа на нивните инвестиции во земјата и со тоа да се стекнат со право на слободно движење во цела ЕУ.

Оваа можност постои во неколку ЕУ земји како Кипар или Бугарија и претставува безбедносен и правен предизвик за ЕУ, поради тоа се очекува земјите членки и земјите кандидати да ги зајакнат своите набљудувачки механизми, порачаа денеска комесарите за правда и миграција, Вера Јурова и Димитрис Аврамопулос.

Европската Комисија, најавија денеска комесарите, од блиску ќе ги набљудува овие шеми, а правилата ќе важат и за земјите кои имаат слободен визен режим со ЕУ.

Стекнувањето државјанство на трета земја која има безвизен пристап до ЕУ им овозможува на лицата да ги заобиколат стандардните Шенген процедури преку кои се проценува безбедносниот ризик што го претставува лицето кое влегува. Иако ЕК веќе презема одредени превентивни мерки во оваа област, златните визи во земјите аспиранти за членство остануваат проблематични.

Со оглед на ризиците кои доаѓаат со инвеститорските шеми за државјанство, Европската Комиисја ќе ги набљудува овие шеми како дел од процесот на пристапување во ЕУ. Засегнатите земји се очекува да имаат силен мониторинг систем, вклучително и системи за справување со можни безбедносни ризици како перењето пари, финансирање на тероризмот, корупцијата и инфилтрирањето на организираниот криминал, соопшти денеска Европската Комисија.

Европската Комисија денеска идентификуваше бројни ризици кај овие инвеститорски шеми во однос на перењето пари, фискална евазија и корупцијата.

Легален престој во ЕУ и во Шенген зоната доаѓа со права и привилегии кои не смеат да бидат злоупотребени, предупреди Аврамопулос.

За Вера Јурова, „станувањето граѓанин на земја членка значи и станување граѓанин на ЕУ со сите права вклучително и слободата на движење“, оттука, и согласно меѓународните правила, лицето кое добива европско државјанство треба да докаже „искрена поврзаност“ со засегнатата земја членка. Односно, не би требало да е доволно само да се инвестира голема сума пари во една земја за да се добие државјанство како што овозможуваат златните визи.

Сакаме повеќе транспарентност за тоа како се доделува државјанството и поголема соработка помеѓу земјите членки, не смее да има слаба точка во ЕУ каде луѓето можат да искористат помеки правила, рече Јурова.

Четири слаби точки се идентификувани во овие шеми од страна на Европската Комисија во областа на споделувањето информации меѓу земјите членки: безбедноста, односно недоволна проверка на апликантите преку централизирани информациски системи на ЕУ, потоа перењето пари, фискалната евазија и транспарентноста, односно недостаток на јасни информации за тоа како функционираат овие шеми, колку апликации се поднесени, одобрени или отфрлени, како и потеклото на апликантите.

Златните визи постојат во дваесет европски земји: Бугарија, Чешка, Естонија, Ирска, Грција, Шпанија, Франција, Хрватска, Италија, Кипар, Латвија, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Полска, Португалија, Романија, Словачка и Велика Британија.

Европската Комисија отсега од блиску ќе ги набљудува овие шеми и нивната усогласеност со законодавството на ЕУ, посебно за тоа дали се спроведени доволни и систематски безбедносни проверки, дали одлуката е во согласност со директивите на ЕУ и дали инвестициите на апликантите ги почитуваат правилата на ЕУ против перење пари.