Балкан
17. May 2016 - 12:01

ЕК: Визната либерализација со Турција ќе ја зголеми опасноста од тероризам во ЕУ

Воведувањето на визна либерализација за турските државјани за патување во ЕУ, како дел од договорот за префрлање мигранти од грчките острови во Турција, ќе ја зголеми опасноста од терористички напади во ЕУ, се наведува во извештај на Европската комисија, чии делови се објавени во британскиот весник „Дејли телеграф“.

- Веднаш штом турските државјани добијат право за патување во ЕУ без визи, може да се очекува странци да се обидат да добијат турски пасоши. Таквата можност ќе привлече не само нелегални мигранти, туку и криминалци и терористи, се додава во извештајот на ЕК.

Освен тоа, според Комисијата, турската мафија, која се занимава со шверц на дрога, луѓе и оружје, може да го прошири своето влијание во Европа.

Весникот „Фајненшал тајмс“ од своја страна наведува дека извештајот на ЕК се совпаѓа со изјавата на поранешен шеф на британското разузнавање дека предлогот за визна либерализација на 75 милиони Турци за Унијата е „исто како да се држи бензин до огнот кој се сака да се изгасне“.

„Дејли телеграф“ потсети дека ЕК неодамна предложи да се склучи договор за укинување на визите и за Косово, Украина и Грузија, кои се „отруени од организиран криминал“.

- Оценката на последиците од визната либерализација со Косово покажа дека шверцот на дрога, олеснувањето на нелегалната миграција, корупцијата, перењето пари, трговијата со луѓе и шверцот на оружје носат потенцијална опасност за внатрешната безбедност во ЕУ, пишува во извештајот на ЕК.