Свет
21. December 2016 - 17:17

ЕК усвои мерки за борба против финансирањето на тероризмот

Европската комисија денеска узвои пакет мерки за борба против финасирањето на тероризмот и организираниот криминал, со кои ќе се зајакне безбедносната соработка меѓу земјите членки на ЕУ.

- Европската комисија денеска усвои пакет мерки за засилување на капацитетите на ЕУ за борба против финансирањето на тероризмот и организираниот криминал, со кои се потврдува посветеноста на Акцискиот план за борба против финансирањето на тероризмот од февруари 2016, се наведува во соопштението на Еврокомисијата.

Како што јави Раша Тудеј, во соопштението се наведува дека ваквиот предлог ќе ја комплетира и засили правната рамка на ЕУ за борба против перењето пари и одливот на средства во готовина и за замзрзнување и конфискување на банкарски сметки.

- Откривањето на сомнителните финасиски текови и пресекувањето на изворите за финансирање се најефикасни начини за стопирање на евентуални терористички напади и криминални активности. Следењето на финансиските текови ќе им обезбеди на полицијата и безбедносните власти круцијални информации и ефикасни алатки во истрагите, се наведува во соопштението.   

Еврокомисијата во април 2015 година усвои Европски безбедносен план, а во февруари 2016 и Акциски план за борба против финансирањето на тероризмот, кои се сметаат за основа за создавањето на идна безбедносна унија во рамките на ЕУ. 

Во август годинава претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер најави и дека ќе биде воведена должноста еврокомесар за безбедност, чија одговорност ќе биде справувањето со терористичките закани.