Македонија
12. October 2020 - 21:18

ЕК: Слаби резултати во животната средина – Нуредини: Работите се мрднаа од место, но потребно е време

За справување со проблемите од животната средина неопходни се пофункционални и потранспарентни институции, поголеми казни за загадувачите, но и подобра информираност на граѓаните, сметаат невладините организации. Една од клучните забелешки во извештајот на ЕУ за земјава е дека граѓаните не се доволната вклучени во креирањето на политиките за подобра животната средина.

“Нема некој значаен напредок, а продолжуваат истите барања и препораки за нашата земја од страна на ЕУ. Тоа што останува неизменето е и слабите капацитети на државата за спроведување на политики од животната средина, слабите капацитети на инспекторатите и неповолната клима, или недостатокот на политичката волја за решавање на некои големи проблеми од жиотната средина. За жал стоиме во место”, вели Арјанит Џафери од граѓанската организација Еко Герила.

“И ние го гледаме тоа дека голем проблем е интерсекторска соработка и транспарентност на информирање. Зашто ние кога ќе кажеме соодветно информирање на граѓаните занчи да се најде соодветен начин за сите групи граѓани да се информираат. Некои ќе го разберат постручно, некои сакаат да бидат вклучени во јавните расправи, на некои можеби ќе треба да им се објасни многу попросто. Меѓутоа, граѓаните имаат право да бидат информирани”, вели Елена Николовска од граѓанската организација Еко-свест.

Европа порачува дека особено мора да се подобри меѓуинституционалната соработка, со цел да се имплементираат и контролираат законските решенија за заштита и подобрување на квалитетот на животната средина. Иако во извештајот состојбата е оценета како непроменета со претходната година, ресорниот министер смета дека има напредок но, потребно е време.

“Не е дека немаме напредок. Ние всушност работевме во текот на изминатата година со различни институции, работевме заедно со министерството за транспорт во поглед на инфрастуктурата во нашата земја, дали во однос на патиштата, железничката конекција, од аспект на водата за пиење или пречистителните станици за вода за пиење. Ова се нештата за кои мора заедно да работиме. Ние исто така работиме со Министерството за образование, и се обидуваме да започнеме програми во училиштата за да може нашите деца да учат и да бидат посвесни за животната средина. Ова се само неколку примери. Исто така пример е и Министерството за здравство, со скорешната промена на системот за греење на болницата во Чаир. Работите почнуваат да функционираат. Само што ќе биде потребно малку повеќе време и надежно прогресот ќе биде очигледен не утре или за шест месеци, туку за година-две”, вели Насер Нуредини, министер за животна средина.

Европа во извештајот нотира дека недоволната координација и слабата соработка меѓу централната и локалната власт е пречка за имплементација на мерките за намалување на аерозагадувањето.

“Имаше напори што се правеа кога станува збор за аерозагадување за интерсекторска соработка бидејќи е клучна за справување со овие горливи теми и итни теми како аерозагадување, заштита на природа и климатски промени. Интерсекторска соработка, која што нема да биде само про форма. Меѓутоа, гледаме дека мерките во овие општински планови се спротивни на мерките што се преземаат и ги пишува во националните планови за справување со аерозагадување и оттука тие мора да комуницираат меѓу себе. Оние кои се на централно и локално ниво не комуницираат доволно меѓу себе и не се надополнуваат”, вели Елена Николовска од граѓанската организација Еко-свест.

“Според активностите што властите ги преземаат до сега нема набрзо да дишеме чист воздух. Треба да се реагира поефикасно кон загадувачите, можеби треба да има поголеми мерки за ублажување на целата ситуација, поголеми казни за загадувачите, спроведување целосно на законот. Гасификацијата да се забрза бидејќи нормално и домаќинствата придонесуваат во загадувањето. Тешко е во време на пандемија да се организира јавен превоз, но треба да се стави некоја контрола врз возилата кои загадуваат. Има возила кои немаат никакви еколошки стандарди”, вели Арјанит Џафери од граѓанската организација Еко Герила.

Според министерот за животна средина, за подобрување на квалитетот на воздухот, особено во зимскиот период, потребни се долгорочни мерки како, на пример, гасификацијата. Но, во меѓувреме најавува низа мерки за намалување на аерозагадувањето.

“Подготвивме измени на Законот за квалитет на амбиентен воздух согласно директивата за квалитет на воздух на ЕУ, што им дава обврски на општините да преземат конкретни мерки да донесат планови за управување со загадувањето, доколку одредени нивоа на аерозагадување настапат. Тоа всушност ќе им даде можност да го изменат сообраќајот, работните часови, греењето, и ако не го сторат тоа и дава право на Владата со закон да преземе акција и мерки. Ќе ги зголемиме висините на глобите. Имаме потреба од подобра инспекција, мораме да го контролираме нашиот транспорт и мобилност, мора да видиме какви возила имаме на патиштата и со тек на време да го запреме извозот на употребувани стари возила и мораме да работиме на загревањето на зградите”, вели Насер Нуредини, министер за животна средина.

ЕУ сериозно се залага за заштита на животна средина и справување со последиците од климатските промени. Па, оттаму, како кандидат за членство во Унијата, на земјава и порачува да обезбеди поголем буџет за справување со аерозагадувањето.