Бизнис
7. July 2020 - 14:34

ЕК предвидува намалување на овогодинешното БДП на Еврозоната за 8,7 отсто

 Економијата на ЕУ ќе го доживее најтешкиот пад од Втората светска војна во вториот квартал во 2020 година, се наведува во прогнозата на Европската комисија.

Годинава растот на БДП во Еврозоната се предвидува да се намали за 8,7 отсто, како и раст следната година од 6,1 отсто, додека за 27-те земји членки на ЕУ, БДП се предвидува да падне за 8,3 проценти оваа година и да порасне за 5,8 отсто следната година. .

Европската комисија смета дека пандемијата на Ковид-19 ја погоди европската економија повеќе од очекуваното, и дека патот до економското закрепнување е сè уште неизвесен, пред се поради обновените жаришта на заразата, што доведува до враќање на привремени мерки или затворање.

– Реалниот глобален БДП надвор од ЕУ ќе падне за повеќе од 3 проценти во првиот квартал од оваа година, додека вториот квартал ќе биде многу потежок на глобално ниво, бидејќи повеќето земји тогаш воведоа мерки за затворање, рече економскиот комесар Паоло Џентилони, презентирајќи ја летната економска прогноза на Европска комисија.

Тој посочува на некои подобрувања во економската активност кон крајот на јуни и почетокот на јули, но додава дека има видливи разлики меѓу земјите-членки.

– Сите земји-членки ќе имаат пад на економијата и закрепнување во 2021 година, но исто така има и големи разлики помеѓу рецесијата и закрепнувањето меѓу членките засновани на различни економски структури и последиците од пандемијата, додаде Џентилони.
 

Од Европската комисија велат дека се очекува значителен економски пад во Франција, Италија и Шпанија, а во помала мерка во Германија, Холандија и Полска. Додаваат дека инфлацијата кај членките на Еврозоната ќе остане релативно ниска оваа година, на ниво од 0,3 отсто, додека предвидува минимален раст од 1,1 процент следната година.