Бизнис
17. July 2015 - 18:47

ЕК потврди дека ќе и исплати 7,16 милијарди евра на Грција

Европската комисија (ЕК) денеска потврди дека на Грција ќе и исплати преоден кредит во износ од 7,16 милијарди евра, наменети за отплата на долгот на Атина кон Европската централна банка (ЕЦБ), кој доспева на 20 јули.  

Како што соопшти потпретседателот на Еврокомисијата, Валдис Домбровскис, парите што ќе и бидат исплатени на Грција ќе бидат повлечени од Европскиот механизам за финансиска стабилност (ЕФСМ), во кој учествуваат сите 28 земји-членки на ЕУ.  

Домробвскис најави дека по ова ќе следат преговори за третиот пакет помош за Грција, кои се очекува да траат неколку недели. Во рамки на оваа помош предвидено е Атина во следните три години да добие позајмици во износ од 86 милијарди евра.

Долгот на Грција кон ЕЦБ, што доспева во понеделник, е во висина од 3,5 милијарди евра.