Балкан
28. September 2015 - 15:06

ЕК не негира дека во Луксембург ќе се дискутира и за „жешки точки” во Македонија и Србија

Европската комисија денеска не негира дека е можно да се разговара за поставување на “жешки точки” за прием и регистрација на бегалци и во Македонија и Србија за време на Балканската конференција за балканската рута, што на 8 октомври ќе се одржи во рамки на Советот за внатрешни работи на Европската унија во Луксембург. На конференцијата освен министрите за внатрешни работи на земјите-членки на ЕУ, ќе бидат и нивните колеги од Западен Балкан, плус шефовите на дипломатиите на земјите-кандидати.

 
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, портпаролката на Еврокомисијата, Наташа Берто, денеска само потврди дека на овој Совет на Унијата ќе се усвојува листата со безбедни земји по потекло, на која се сите земји-кандидати за членство во ЕУ, вклучително и Македонија, но во однос на други прашања, посочи само дека „Комисијата ќе стави се на маса”.
 
- Една од работите што веќе е на маса е листата на безбедни земји по потекло за земјите од Западен Балкан и за ова ќе се дискутира со нив. Во однос на други предлози што ќе дојдат во рамки на европската агенда за миграција, мислам дека ви се познати сите. Ние се што имаме ќе ставиме на маса. На оваа конференција ќе се обидеме да разговараме со земјите од Западен Балкан за да видиме како на нив ќе можеме исто така да им помогнеме, истакна Берто.
 
Гласноговорничката на неформалната Влада на Унијата, потврди дека минатата недела, Брисел вети дека ќе ја зголеми паричната и финансиска поддршка што ќе ја даде за земјите што не се членки на ЕУ, но се погодени од бегалската криза, при што е познато дека Турција ќе добие една милијарда евра, а Македонија и Србија ќе поделат 17 милиони евра.
 
- На оваа конференција ќе истражиме низ дијалог со нив што уште можеме да сториме за тоа. Но, засега немам листа на нови предлози за да ви ги дадам,  додаде портпаролката Берто.
 
За тоа дали конечно ќе се усвои листата на Европската унија за “безбедни земји по потекло”, каде се сите земји-кандидаит, вклучитлено и Македонија, што ќе значи во иднина брзо одбивање на азилантски барање на државјани на овие земји, поради фактот што државите ќе се прогласат за безбедни, гласноговорничката на Еврокомисијата со потврден одговор дека тоа ќе биде на агендата на Советот за внатрешни работи на 8 и 9 октомври кога се очекува министрите за внатрешни работи да дискутираат и листата да биде усвоена.
 
Според информации во Брисел, можно е ЕУ да побара и од земјите-кандидати, пред се од Македонија и Србија, кои се на главната рута на бегалците од Арапскиот свет, да организираат т.н. „жешки точки”, а по предлог на Србија, се размислува и овие земји да бидат вклучени во распределбата на бегалците, што за 120 илјади од нив, Унијата веќе го стори минатата недела.