Македонија
21. December 2017 - 18:43

ЕК: Македонија и натаму ги исполнува условите за визна либерализација

Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија и натаму ги исполнуваат условите за визна либерализација, но потребни се акции во одредени специфични области за зачувување на нивната одржлива имплементација, покажува извештајот на Европската комисија за спроведувањето на обврските од визната либерализација за земјите од Западен Балкан и Источното партнерство.

Еврокомесарот за миграција, внатрешни работи и државјанство Димитирс Аврамополос, оцени дека тие се целосно посветени на заштита на визната либерализација за граѓаните на земјите од Западен Балкан и Источното партнерство.

- Обезбедувањето на оваа либерализација доаѓа со обврски, како за граѓаните така и за властите. Ние ги признаваме напорите на земјите за обезбедување на остварениот напредок и дека реформите даваат конкретни резултати, но сепак е потребно натамошна работа. Очекуваме сите држави да ги интензивираат напорите за справување со нерегуланата миграција и спречување на организираниот криминал и корупцијата, изјави Аврамополос.

Ова е прв извештај според новиот мониторинг систем за следење на овие осум држави, кои ги завршија преговорите за визна либерализација со ЕУ.

Извештајот покажува дека сите осум држави покажуваат силна посветеност на исполнување на потребните обврски и преземаат важни напори за спроведување на потребните реформи и сега е императив овие реформи да бидат одржливи и државите не назадуваат во напредокот.

Според извештајот, потребни се дополнителни напори, особено во областа на нерегуларната имиграција и реадмисијата, борбата против корупцијата и перњето пари, како и јавниот ред и безбедноста.

Мерките спроведени за справуавње со нерегуларната миграција покажуваат резултати и ефектот е значително намалување на бројот на баратели на азил во земјите членки на ЕУ од овие земји, покажува извештајот на ЕК.

Следниот извештај на ЕК пред Европскиот Парламент и Совет за исполнувањето на визната либерализација е во 2018 година.

Македонија има визна либерализација од декември 2009 година.