Свет
11. February 2021 - 13:16

ЕК: Економскиот раст на ЕУ ќе започне во вториот квартал на годинава

Европската комисија предвидува дека растот на бруто домашниот производ на Европската унија во 2021 година ќе изнесува 3,7 проценти, а следната година 3,9 проценти, по падот од 6,3 проценти во 2020 година.

Во исто време, ЕК предвидува раст на еврозоната од 3,8 проценти за двете години.

Во зимската економска прогноза објавена денеска, Комисијата проценува дека економиите на земјите-членки на ЕУ во 2022 година ќе се вратат на нивото пред кризата предизвикана од пандемијата на Ковид-19.

– Рецесијата во 2020 година не беше толку длабока како што се предвидуваше, а поради пронаоѓањето на вакцината, се очекува економијата на ЕУ во 2022 година да се врати на нивото пред кризата. Ова значи олеснување на сегашните пандемиски мерки до крајот на вториот квартал на 2021 година, особено во втората половина на годината кога се очекува да се вакцинира поголемиот дел од населението, вели комесарот за економски прашања Паоло Џентилони.

Тој истакна дека економијата на ЕУ сè уште се соочува со предизвикувачки времиња и дека неопходните мерки за запирање на пандемијата продолжуваат да влијаат на економските активности во Унијата, но во помала мерка отколку што беше случај во текот на пролетта 2020 година.

Во извештајот на ЕК се наведува дека по посилниот раст во третиот квартал на 2020 година, економската активност во ЕУ повторно падна во четвртиот квартал поради вториот бран на пандемијата и обновените мерки за затворање.

„Со мерките кои се уште се на сила, се очекува економиите на ЕУ и еврозоната да забележат опаѓање во првиот квартал од 2021 година. Економскиот раст треба да продолжи на пролет и да добие интензитет на лето. Подобрените изгледи за глобалната економија, исто така, треба да го поддржат закрепнувањето на ЕУ“, се наведува во извештајот на Комисијата.

Сепак, документот предупредува дека економските проекции можат да се променат во зависност од натамошното непредвидливо движење на пандемијата во ЕУ и во светот.