Свет
17. April 2017 - 10:43

ЕК бара од Турција да обезбеди консензус за измени на Уставот

Турција би требало да обезбеди најширок можен национален консензус за уставните амандмани, имајќи го предвид тесниот резултат од референдумот за уставни реформи, соопшти синоќа Европската комисија.  

Врз основа на преброени 99 отсто од гласовите, 51,3 отсто од гласачите биле за измени на Уставот, додека 48,3 отсто се изјасниле против. 

- Имајќи го предвид тесниот резултат и далекусежните последици од уставните амандмани, ги повикуваме турските власти да се обидат да обезбедат најширок можен консензус за нивна примена, се вели во соопштението на Комисијата.

Станува збор за заедничко соопштение на претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.