Македонија
21. March 2018 - 17:52

Ефимерида: План „Б“ за влез на Македонија во ЕУ и НАТО

Владеачката коалиција Ципрас-Каменос засега е спасена, но опасно разнишана, а решението за името се оддалечува, пишува грчка Ефимерида.
 
Весникот пишува дека тоа го знаат во Атина, во Скопје, но и во ЕУ и НАТО.
 
Веќе нема гаранција дека Ципрас ќе обезбеди поддршка од Парламентот за договор со Скопје.
 
Поради тоа, добро информирани дипломатски и политички извори за Ефимерида тврдат дека ЕУ и НАТО, а особено Алијансата подготвиле бајпас, доколку не се реши спорот за името, со кој Македонија би била примена во НАТО. Според весникот постојат две опции. Или ќе се обезбеди специјален однос со Македонија или ќе биде примена со меѓународно признатата референца поранешна југословенска Република Македонија, со  фуснота дека кога новото име ќе се договори, земјава ќе биде ословувана со тоа име.
 
Во прилог на тезата на ,,Ефимерида‘‘, оди и последната анкета на телевизија ,,Алфа‘‘ според која повеќе од половината Грци, или 56.5 отсто, посакуваат терминот Македонија да не биде вклучен во името на нашата земја, а четири од 10 испитаници сметаат дека е изводливо решение без зборот Македонија.
 
38.5 отсто се за компромисно решение со сложено име, а четири отсто посакуваат решение со кое било име.
 
Во останатите медиуми преовладуваат информациите за контра предлог-спогодбата што Скопје и ја достави на Атина, утрешната посета на Коѕијас, новата рунда преговори во Виена и предупредувањето од Русија до Македонија дека членството во НАТО ќе ги наруши односите со Москва.
 
Оценка е дека преговорите за името влегуваат во најкритична фаза, но дека првите впечатоци не оставаат голем простор за оптимизам за конечната спогодба. Грција гледа надеж во долго очекуваните притисоци од Европската унија и Ангела Меркел, но и од Обединетите нации, што веќе долго време и биле ветени на Атина.