Македонија
14. August 2020 - 11:05

ЕЕЗ: Да се покрие дел од сметкaта за струја на домаќинствата погодени од пандемијата

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија Марко Бислимоски остварил телефонски разговор со Јанез Копач, директорот наСекретаријатот на Енергетската Заедница со седиште во Виена.

Бислимоски, како што соопштија регулаторите, го информирал Копач за состојбата во енергетскиот сектор и предизвиците со кои се соочува истиот во време на пандемија, со цел да се обезбеди непречено снабдување со електрична енергија.

„Енергетскиот сектор покажа отпорност во време на пандемија и кога во државата беше прогласена вонредна состојба, испораката на енергенси остана гарантирана. Граѓаните не беа исклучувани поради неплатени сметки за електрична енергија, а токму овие режиски трошоци во време на вонредната состојба најранливите категории на потрошувачи можеа да ги плаќаат на рати без камати. Сето ова беше возможно поради стабилната финансиска состојба и здравите инвестициски политики на сите енергетски компании“, посочил Бислимоски.

Бислимоски и Копач се согласиле, нагласуваат од РКЕ, дека сигурноста и стабилноста во испораката на електрична енергија е предизвик кој пандемијата го наметна за сите економии, а посебно за оние кои се енергетски зависни од увоз на електрична енергија, каква што е македонската економија.

Копач, како што велат од Регулаторна, посочил дека задача на регулаторот е да ги балансира различните и понекогаш спротивставени интереси во енергетскиот сектор, истовремено дејствувајќи независно од Владата и од енергетскиот сектор. Интерес и обврска на Владата е да обезбеди заштита на потрошувачите и да ги разгледа можностите да се намали ударот од зголемената цена на електрична енергија за граѓаните кои се директно погодени од корона кризата.

Додал дека времето во кое што живееме во 2020 година е посебно предизвикувачко, затоа што ефектите од Ковид 19 на севкупната економија и особено на енергетскиот сектор се големи, така што треба сите ние да се адаптираме на новите услови. Владите мора да ја гарантираат достапноста до струја, вода и гас за секого и да ги разгледаат можностите да им помогнат на граѓаните кои се со ниски примања. Македонија ја имплементираше целокупната потребана легислатива и го реформираше електро-енергетскиот сектор во согласност со третиот енергетски пакет. Националната легислатива опфаќа и правила кои се однесуваат на енергетска сиромаштија во која се дава можност на државата да субвенционира дел од сметките за струја за најранливите категории. 

„Дополнително треба да се разгледа можност да се воведе привремена мерка која ќе значи проширување на опфатот на лица кои ќе влезат во групата за субвенционирање на сметки, со вклучување награѓани кои се директно економски погодени од здравствената криза на пример оние граѓани кои имаат останато без примања. Но тоа не значи дека секој треба да добие помош. Државата не треба да ги субвенционира сметките за електрична енергија на највисоко платените менаџери и други граѓани со високи примања, кои се субвенционирани со нереално ниски цени во моментов. Единствено РКЕ како независна институција располага со детално познавање на овој сектор и може да ги пресмета трошоците на системот во согласност со нивните перформанси имајќи во предвид дека производството и голем дел од пазарот се либерализирани. Покачувањето на цената на електричната енергија нема да се одрази на цените на другите продукти, единствено на сметките на граѓаните. На енергетскиот сектор му е потребна  визија, а не политизирање на одлуките донесени од независниот регулатор кој работи транспарентно и професионално и кој беше прогласендве години по ред за најдобар регулатор во рамките на земјите кои ги мониторира Енергетската заедница“ посочил Копач, а информираат од РКЕ.

 

Ирена Чачкова