Бизнис
22. јуни 2019 - 20:18

Едуцирање на земјоделците за осигурување на производството, за заштита на посевите од непогоди

Последното невреме во битолскиот регион направи голема штета особено во селото Егри. Земјоделците велат дека поголем дел од производството е уништено. Но, нема многу земјоделци кои ги имаат осигурано своите посеви во случај на вакви елементарни непогоди. За таа цел, започна едукативната кампања за зголемување на земјоделското осигурување.

- Земјоделците не се едуцирани доволно, тоа е најголемиот проблем. Се што имавме посадено, уништено е, од 50-100 % штета направи, сега да се едуцираме за да го осигураме она што ни остана. За некои култури е многу големо осигурувањето што не можеме да покриеме, вели Иљо Димитриевски, земјоделец од средно Егри.

И преспанскиот регион последните неколку години трпи големи штети предизвикани од силен град или доцен мраз.

- Од година во година, интересот е се поголем иако како брокерско друштво имаме голем проблем затоа што компаниите го избегнуваат преспанскиот регион со тоа што е доста ризичен, па така имаме борба и со невремето и со компаниите, но затоа сме тука да излеземе во пресрет и на компаниите и на земјоделците, вели Таше Наумоски, претставник од брокерско друштво.

Земјоделците претежно чекаат само на директната помош од државата за надоместување на штетите што ги претрпеле од поплавите или други елементарни непогоди.

- Постапката за исплатата на оштетата трае подолг период, но тоа во бројки изнесува над 5 милиони евра трошок за сите оштетени, што е прилично голем износ, кој може да се пренасочи за други потреби во земјоделството. Најдобро е земјоделците да ги осигураат своите површини, одноно посевите со кои тие се засеани, со што многу полесно ќе ја надоместат штетата и побрзо ќе можат да го обноват производството, изјави Билјана Петровиќ, здружение „Современо земјоделство“.

Министерството за земјоделие покрива дел од трошоците за осигурителната полиса, односно се покриваат 60 отсто од вредноста на полисата, преку субвенционирање.