Македонија
7. April 2017 - 13:49

Едно поинакво уметничко доживување: Ликовно- колаборативен проект на улица „Македонија“

Уметничката група „ЅЕЕ“ вечерва ќе го промовира новиот ликовно- колаборативен проект „Ø“, кој ќе биде поставен во подземјето на улица „Македонија“.
 
Реализатори на проектот се авторите: Љупчо Иљовски, Перо Танчев, Дарко Комненовиќ, Марија Бошковска и Мирослав Талевски. Автор на кураторски текст е историчарот на уметност Горанчо Ѓорѓиевски.
 
 
Групата „ЅЕЕ“ создаде колоборативно дело, каде авторите дефинираат ликовен знак мултиплицирајќи и поставувајќи објекти во акумулација. Тој станува означувач на една обединувачка идеја, во намера да ги посочи глобалните носители на рецептивното наведување, во суптилниот концепт на доброволно прифаќање. Градејќи тежиште во преполовеноста на движењето од нула во круг, од нешто во ништо, од темно кон светло, од полно кон празно, итн , развива концепт кој негира општествени поставености.
 
Уметничката група „ЅЕЕ“ со самофинансирачкото делувањето надвор од институциите, излегува од досегашните искуства во изложувањето. На тој начин ја потенцира поделеноста низ презентација и репрезентирање на поставеноста во различен простор во исто време, вградувајќи ги засебно во поинакви медиуми
 
По свеченото отворање вечерва во 20 часот, изложбата посетителите ќе можат да ја видат и во сабота и недела од 19:30 часот.
 
Влезницата е со симболична цена од 50 денари.