Македонија
8. April 2020 - 11:20

Едно лице обвинето за убиство и за обид за убиство

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против едно лице кое се товари за кривично дело убиство, како и за кривично дело убиство во обид.

Обвинетиот на 2.3.2019 година, на локалниот пат меѓу селата Шишево и Глумово, со употреба на полуавтоматски пиштол со умисла убил едно лице, а уште едно се обидел да го убие.

На критичниот ден тој со својот автомобил го пресретнал автомобилот во кој се наоѓале двајцата оштетени заедно со уште едно лице, сведок на настанот, и започнал вербална расправија. Во момент кога еден од оштетените започнал да се враќа кон своето возило за да влезе, обвинетиот му се приближил на кратко растојание и испукал кон него еден проектил од пиштолот, нанесувајќи му тешка телесна повреда во вид на огнострелна рана во пределот на главата. Потоа тргнал да се пресмета и со вториот оштетен.

Сведокот се попречил меѓу нив, но обвинетиот му наредил да се тргне. За тоа време, оштетениот започнал да бега, па обвинетиот се стрчал и испукал повеќе проектили кон него, нанесувајќи му две огнострелни повреди. Како последица на овие повреди, оштетениот починал непосредно по приемот во болница.

По настанот, обвинетиот се дал во бегство и една година беше недостапен на органите на прогонот.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетото лице поради опасност од бегство, можност да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и вештите лица, како и да го повтори делото.​