Балкан
22. March 2020 - 11:59

Едно дете во критична состојба, а повеќе лица се повредени по земјотресот во Загреб

Едно 15 годишно е во критична состојба по големиот земјотрес кој утрово го погоди Загреб, јави дописникот на МИА.

Детето е повредено при уривање на зграда во близина на центарот на градот. Спасувачите кои ги проверувале срушениот објект го нашле детето кое било со тешки повреди и не покажувало знаци на живот. Веднаш со итна медицинска помош е однесено во болница каде лекарите се уште се борат за неговиот живот, објави Хина..

Првично беше објавено дека детето веќе е починато, но последните информации се дека тоа сепак се бори за живот.

Дополнително повеќе лица се повредени низ повеќе делови во градот, а градоначалникот Милан Бандиќ изјави дека во потресот највеќе настрада стариот дел на градот.

Критична е состојбата во болница на Петровска улица каде што пред објектот кој е многу оштетен има голем број мајки и деца. Не сакаат да влезат внатре и се плашат дека и помал потрес сега може комплетно да го сруши објектот.

Веднаш по земјотресот е свикан државниот врв кој во поширок состав одлучува кои мерки да се преземат.