Македонија
25. November 2020 - 11:03

Едни примаат инфузија додека други лежат починати, ужасна слика од битолската болница

Голем број реакции предизвикаа фотографии од битолската болница објавени на социјалните мрежи каде во иста соба пациенти примаат инфузија, а на другите кревети има починати пациенти кои што се покриени. Директорката на Клиничката болница во Битола вели дека постои процедура доколку почине пациент во амбулантски услови. Фотографиите биле направени во дневната болница за преглед во суспектниот дел на Ковид центарот.

-Каде што доаѓаат пациенти со проблеми, суспектни, со температура, со други заболувања, бронхопневмонија. Кога починува пациент амбулантски, повторувам не се хоспитализирани, процедурата е дека два часа мора да отстои каде што починало во установата, во меѓувреме се известува семејството и оператор кој треба да го подигне телото. Доколку операторот не дојде да го подигне после тие два часа, пациентите се пренесуваат во болничката мртовечница, изјави д-р Билјана Гагачовска, директор на Клиничка болница Битола.

Таа потенцира дека тоа се случува кога ќе има повеќе починати и не можат да престигнат погребалните претпријатија да ги подигнат. Истата процедура е и доколку почине во болнички услови.

-И ако почине во болнички услови мора да отстои два часа на одделение, а потоа се носи во мртовечницата во зависност од ситуацијата, вели таа.

Инаку денеска во близина на Инфективното одделение во Битола започна подготовката на теренот за поставување модуларен ковид центар во Битола кој ќе се состои од 3 модуларни градби на површина од 1000 метри квадратни.