Македонија
21. January 2019 - 13:23

Една третина помалку интервенции имале пожарникарите од Виница во 2018 година

Вкупно 62 интервенции за гаснење пожари имала Територијалната противпожарна единица од Виница во текот на 2018 година, што е за една третина помалку во споредба со претходниот едногодишен период.

Најголем број од интервенциите, вкупно 39, биле кај пожари на отворен простор, при што била опожарена површина од 32 хектари, што е за пет пати помалку споредено со 2017 година. Во 16 случаи се интервенирало кај запалени објекти, а останатите излегувања на терен биле за гаснење пожари кај моторни возила.

Од ТППЕ – Виница рекоа дека лани од пожарите е предизвикана вкупна материјална штета од 235 илјади денари, што е намалување за околу половина.

-Во текот на минатата година спроведовме четириесетина превентивни активности за заштита од пожари, во најголем дел предавања во училиштата и фирмите, како и заеднички практични вежби во стопанските субјекти. Заради поголема ефикасност и заштита, во текот на оваа година планираме да обновиме дел од доброволните противпожарни друштва во месните заедници и во фирмите,  истакна Станко Спасов, командир на ТППЕ – Виница.

Причина за скоро сите пожари бил човечкиот фактор, освен кај осум случаи до запалување дошло поради краток спој во електричната инсталација во објекти и кај возила.

Освен со интервенции на територијата на општината, виничките пожарникари во текот на минатата година во пет случаи со опрема и кадар им помагале и на своите колеги од Берово.