Македонија
19. December 2021 - 18:31

Една недела по поплавите патот во Ново Село останува забранет за сообраќај

Една недела после поројните дождови во Општина Ново Село регионалниот патен правец Мокрино - Смолари останува затворен за сообраќај. Голем дел од коловозот и понатаму е покриен со наноси од песок и камења. Како последица на свлечиштето, оштетување има и на заштитната ограда. Од Општина Ново Село велат дека во рамки на нивните можности и со механизацијата со која располагаат направиле делумно расчистување, но тоа не било доволно за да може патот повторно да биде ставен во функција. Неколку пати ги контактирале и Македонија пат во чија надлежност се наоѓа овој патен правец, но освен ветување дека проблемот ќе се надмине конкретни активности на терен нема.

„Со нашата механизација која е со многу мал капацитет успеавме делумно да го исчистиме патниот правец. Но апелирам и замолувам Македонија пат да излезат што е можно побрзо и да интервенираат во расчистување на овој патен правец да го заштитиме и да не дозволиме да се уништи асфалтниот коловоз“, вели Ѓорѓе Божинов, градоначалник на Општина Ново Село.

Од Македонија пат го потврдија проблемот и најавија негово решавање во наредните денови. Нивни екипи уште минатата недела биле на терен, но немале можност да интервенираат не поради наносите од песок туку поради големите води кои течат преку самиот коловоз. Од таму појаснуваат дека се работи за  води од Беласица кои направиле неприроден пат и наместо по нивниот досегашен тек и  низ пропустот под патот тие течат преку самиот асфалт. Очекуваат количината на водата наскоро да се намали по што ќе започнат со расчистување на коловозот, но и санирање на оштетувањата што ги направија наносите.