Балкан
27. August 2015 - 8:38

Една милијарда евра до 2020 година за сообраќајната мрежа на Западен Балкан

Европската комисија е подготвена да обезбеди износ од една милијарда евра до 2020 година за финансирање на регионалната сообраќајна мрежа со коридори во земјите од Западен Балкан, истакнаа шефовите на германската и австриската дипломатија, Франк-Валтер Штајнмаер и Себастијан Курц.

Тие, во заеднички авторски текст за белградскиот весник „Данас“, наведуваат дека тоа ќе им овозможи на земјите од Западен Балкан да бидат подобро поврзани меѓусебно, но и со ЕУ.

Двајцата дипломати во авторскиот текст по повод Самитот за Западен Балкан, кој се одржува во Виена, оценуваат дека и покрај суштинскиот напредок, стабилноста во овој регион и понатаму е на „стаклени нозе“ и многу зависи од Унијата. 

Тие додаваат дека на Конференцијата посебно ќе биде истакнат фактот дека патот преку Западен Балкан е приоритетна рута на се поголем број бегалци кои бараат азил во Европа.

- Ќе расправаме во Виена како ЕУ и како државите поединечно може да дадат поддршка за државите од Западен Балкан во нивните настојувања да се подобри управувањето со границите како и системот за азил, наведуваат Штајнмаер и Курц.

- На 27 август ќе ја обновиме својата цврста приврзаност кон европската перспектива на сите држави од тој регион, изразувајќи суштинска поддршка за Западен Балкан, велат шефовите на дипломатиите на Австрија и на Германија.

Според нив, вратата на ЕУ мора да остане отворена за регионот за да се обезбеди Унијата да остане најуспешен проект за зачувување на мирот во целиот свет.

- ЕУ без Западен Балкан не е целосна. Уверени сме дека Виенскиот самит како продолжение на Берлинскиот процес ќе придонесе за постигнување неизменета цел за сите држави од Западен Балкан. Австрија и Германија со цела сила ќе ги поддржат сите напори насочени кон тоа, заклучуваат двајцата министри во авторскиот текст за белградскиот весник