Балкан
7. јуни 2017 - 14:38

Една година затвор повеќе за Светозар Маровиќ

Високиот суд во Подгорица паричната казна за поранешниот функционер на ДПС, Светозар Маровиќ ја замени со затворска казна, бидејќи истече рокот за плаќање на казната, со што Маровиќ во затвор ќе мине една година повеќе, јави Телевизијата на Црна Гора. 

Маровиќ инаку требаше до 1 јуни да уплати парична казна во износ од сто илјади евра.

РТЦГ потсетува дека на Маровиќ казна му е изречена поради сторени кривични дела и тоа две продолжени кривични дела на злоупотреба на службената должност преку поттикнување, извршување на организиран начин и продолжување на кривично дело измама, извршено на организиран начин.

Маровиќ претходно на обвинителите им признал дека бил шеф на организирана криминална група, која го оштетила буџетот на општина Будва за повеќе десетици милиони евра.