Македонија
17. јуни 2019 - 16:04

Една година Преспански договор - за некого успех за некого пораз

Пред точно една година во Преспа, Македонија и Грција си подадоа рака. Договорот кој го реши речиси три деценискиот спор, на земјава и ја додаде придавката северна, но донесе и ветување за брзо членство во НАТО и отпочнување на преговори со Европската унија.

Токму затоа денеска премиерот Заев вели дека не се кае. Придобивките на полето на економијата, реформите и евроатлантските интеграции според Заев носат подобар животен стандард, а бројките покажуваат дека потпишувањето на преспанскиот договор вреди.

Денеска, 17 јуни, една година од Преспа, прво добивме нов пријател. Не дека со Грција имавме некои сериозни непријателства, но навистина беше чувството лошо, горко, кога бевме застанати во нашите интегративни процеси.  Еве после една година првите придобивки ги гледаме како импликации на оваа вежба, во нашата подготовка, заради после неколкумесечното целосно членство во НАТО. Тоа е голема стратешка цел на нашата земја, на целиот овој регион, на Република Северна Македонија која што не пред векови, туку пред 17-18 години имаше конфликти. Тоа значи траен мир, стабилност, безбедност и сигурност, рече Заев.

И пред една година, но и денеска за опозициската партија преспанскиот договор е понижувачки. ВМРО-ДПМНЕ смета дека земјава не ги доби ниту ветените награди за промена на уставното име.

Земјава постепено ги реализира и обврските предвидени со договорот. Од денеска сите автомобили кои ќе се регистрираат ќе добијат регистерски таблички со новата кратенка НМК. Целиот процес на промена на регистрациите треба да заврши најдоцна до февруари 2024 година, кога завршува и рокот за промена на сите лични документи на граѓаните со новото уставно име.