Македонија
17. јуни 2019 - 8:29

Една година Преспа – Северна Македонија на прагот на НАТО, датум за преговорите со ЕУ најдоцна наесен

Во малото населено место Нивици на грчката страна на Преспанското Езеро точно пред една година Никола Димитров и Никос Коѕијас го ставија својот потпис на Преспанскиот договор, документ со кој се стави крај на речиси тридеценискиот спор меѓу Скопје и Атина околу името.

Со решавањето на спорот со Грција се одблокираа интегративните процеси на земјава во НАТО и Европската унија. Македонија согласно договореното се преименува во Република Северна Македонија, државјанството остана македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски.

Во земјава се спроведоа уставни измени, а согласно Договорот Грција прва го ратификува Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, што досега го сторија 17 земји-членки и се очекува до крајот на годинава или на почетокот на следната и официјално земјава да стане дел од Алијансата. За преговорите со ЕУ очекувањата беа дека ќе добиеме зелено светло овој месец, но по најавата дека германскиот Бундестаг за последниот извештај на ЕК ќе расправа во септември, сега очекувањата за датум се поместија за наесен.

Договорот има голема поддршка од меѓународната заедница, која го оценува како своевиден пример за решавање спорови, во регионот, но и во светски рамки, а поради него Северна Македонија во последниот извештај на Европската комисија беше наречена светол пример во регионот.

Договорот од Нивици

Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноса на Времената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страни е официјалниот наслов на Договорот.

Димитров и Коѕијас на свечената церемонија во Псарадес или Нивици на 17 јуни лани ги ставија потписите на Договорот, во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас , посредникот во преговорите Метју Нимиц, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.

Тие низ целиот процес на постигнување на компромисот, а и по потпишувањето се обидуваат да покажат дека тоа што е договорено е од корист за двете држави. Димитров и Коѕијас беа архитеките на Договорот, ги усогласуваа ставовите, особено откако преговорите се подигнаа на ниво на шефови на дипломатии.

Основата на Договорот е тоа што во него на пријателски начин и прецизно е утврдено како Грција го толкува поимот „Македонија“ и „македонски“ и како ние за нас го толкуваме поимот Македонијаи македонски.

Со членот 7 се прави јасна дистинкција дека поимот Македонија и македонски во Грција го означува Хеленскиот дел од историјата.Утврдено е дека Македонија и македонско во наш контекст ги отсликува нашата теротирија, нашиот јазик, народ со сите атрибути, историја, култура и наследство – различни од оние во Грција.

Химната, грбот и знамено не се менуваат, како и кодовите МК-МКД, додека регистерските таблички не се дел од меѓународната кодификација и го следат духот на Договорот.

Државните институции го следат принципот на Договорот – новото утврдено име на државата. Сите други организации/компании/здруженија може слободно да се именуваат како македонски и да ја користат придавката македонски.

Мицкоски и Мицотакис остануваат на линија против Договорот – непроменлив став или предизборни калкулации

Опозициите во двете земји, ВМРО-ДМНЕ на Христијан  Мицкоски кај нас и Нова демократија на Кирјакос Мицотакис во Грција негативно реагираа на договореното од самиот почеток. Двете опозициите со став дека не го прифаќаат Договорот, со него се уриваат според едни интересите на Македонците и нивниот идентитет, според другите интересите на Грција и нивните идентитетски обележја. И двете опозиции ги обвинуваат владите дека го поделиле народот.

Македонската опозиција на ставот дека договорот е капилутански за Македонија. ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати побара оставка од шефот на дипломатијата Никола Димитров, кој според нив ја предал својата држава, ставајќи потпис на договореното.

Мицкоски постојано повторува дека Договорот е штетен за државата, се губи македонскиот идентитет, се распарчува земјата, се продава историјата, се поткопува волјата на граѓаните, изразена на референдумот на 30 септември.  Неодамна во телевизиско интервју не ја отфрли можноста да се репреговара Преспанскиот договор доколку Киријакос Мицотакис победи на предвремените парламентарни избори во Грција.

-Ако Мицотакис победи во Грција, а тој вели дека ќе ја отвори таа тема, и доколку бидеме поканети – зошто повторно да не седнеме на преговарачка маса и повторно го преговараме Преспанскиот договор кој е капитулантски и штетен за Република Македонија. Тоа нема да го правиме монополизирано како што тоа го правеше двоецот Заев – Ципрас, туку  со сериозна екипа од експерти зад нас. И ние, и другата страна, имаме принципиелна позиција дека овој договор е штетен. Доколку формираме влада, ќе седнеме и ќе го репреговараме договорот, но на сериозен начин, со група експерти кои ќе бидат наша логистика за да го направиме подобар, рече Мицкоски.

За грчката опозициска Нова демократија Догорот е во интерес на северниот грчки сосед, Ципрас ја продал нацијата и всушност правел политички пазарања за да остане на власт.

Лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис останува на ставот дека неговата партија нема да го прифати Договорот од Преспа. Според него Ципрас со Договорот не ја спасил Македонија, туку отстапил македонска националност и јазик.

Дури тој отиде дотаму и изјави дека Грција има можност 75 пати да ја блокира Северна Македонија во процесот на преговарање со ЕУ.

Според аналитичарите овие ставови се предизборни трикови на Мицотакис, кој сака победа на претстојните парламентарни избори во Грција, кои ќе се одржат на 7 јули.

-Мицотакис во неговата предизборна реторика ја користеше Преспа како сениште, се закануваше дека и дури броеше колку пати може Грција да не блокира во процесот на преговорите. Мицотакис веројатно ќе стане премиер имајќи ги предвид резултатите од европските избори, а во Грција парламентарни ќе се одржат кон почетокот на следниот месец. Има голема можност Мицотакис понепријателски да биде наклонет кон Преспа од оваа влада. Тоа е уште еден аргумент зошто треба пред извесната смена на власта во Грција да се случи отворањето на преговорите со ЕУ, смета директорот на Евротинк Љупчо Петковски.

Сепак, додава тој , но сепак додаде дека постои голема можност ставовите на Мицотакис да се само политичка игра за да ги освои гласовите на Грците и тој себеси да се прикаже како патриот, притоа оставајќи му на Ципрас  да ја заврши „нечистата работа“ околу постигнувањето на Договорот со соседната земја.

Заев и Ципрас номинирани за Нобелова награда за мир

Двајцата премиери, кои по години спорење меѓу двете земји, блокади, препреки во билатералните односи, препукувања, успеаја да се договорат беа номинирани за Нобелова награда за мир. Номинацијата на Заев и Ципрас во Скопје на 18 декември лани ја објави добитничката на Нобеловата награда за мир во 2015 година, Уидед Бушамауи.

Заев и Ципрас, кои откако се обновија преговорите кон крајот на 2017 година првите пробиви ги направија на средбата во Давос, се оценуваат како лидери кои излегле од балканскиот модел на политичари, за кои карактеристика се национализмот, инстистирање на супериорниста на сопствената нација, нејзиното екслузивно митолошко, речиси магиско потекло.

Договорот е оценет како пример за мирно решавање на транснационалните спорови. А од Договорот, според многумина корист може да имаат пред се Приштина и Белград во обидите да го решат спорот за косовското прашање.

Преговорите меѓу Македонија и Грција се обновија кон крајот на 2017 година, по речиси тригодишен застој. Спорот траеше 27 години. По обновувањето во почетокот посредникот на ОН, Нимиц имаше средби со преговарачите Василакис Адемантиос и Васко Наумовски, а потоа преговорите се подигнаа на повисоко ниво, на ниво на шефови на дипломатии.

Премиерите на двете земји ја имаа првата директна средба на Светскиот економски форум во Давос, каде беа направени првите отстапки. Македонија ги преименува аеродромот и автопатот, а Грција ја одблокира втората фаза на земјата во процесот на Стабилизација и асоцијација со ЕУ и и овозможи на Македонија да стане членка на Јадранско-јонската иницијатива.

Клучна во преговорите беа средбата Заев-Ципрас на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој се одржа во Софија за време на бугарското претседателство со Унијата. Самата средба на двајцата премиери како да беше централен настан на Самитот, кој во таков формат последен пат се одржа во Солун 2003 година. Заев и Ципра во телефонски разговор на 12 јуни минатата година го потврдија договореното, а потоа ја информираа јавноста во своите земји.

Спорот за името почна веднаш по осамостојувањето на Македонија и нејзиниот прием во ОН, на 8 април 1993 година. Поради противењето и притисоците од Грција, која не го прифаќа уставното име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија.

Преспа и патот до ЕУ

Решавањето на спорот со Грција, но и постигнувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија ја означија земјата како пример во регионот, како светла точка во Западен Балкан, што беше нотирано и во последниот извештај на Европската комисија.

Очекувањата беа зелено светло за преговори овој месец пред се поради решените спорови со соседите, спроведени реформи и најчистиот досега извештај од Европската комисија. Меѓутоа работите не одеа според очекувањата, некои земји-членки на Унијата повторно во преден план го ставија стравот од проширувањето.

Кон крајот на мај се одржаа избори за Европскиот парламент и европските политичари проширувањето исто така го користеа како една од опциите за добивање гласови, особено го врзуваа во контекст на тоа дека Унијата сега пред се треба да се фокусира на своите внатрешни предизивици пред да се отвори кон надворешните.

На земјава иако за Преспа и се даде чиста петка и некои и забележаа дека до крај не ги спровела реформите, особено тука беше споменувано Специјалното јавно обинителство. За потребата на натамошни реформи во правосудството најгласни беа Франција и Холандија, но потоа на виделина излегоа и несогласувањата во Бундестагот во однос на датумот за Северна Македонија, кој ја одложи расправата за извештајот на ЕК за септември.

Премиерот Зоран Заев очекува на претстојниот Совет на Европската унија да биде потврдено она што ЕУ го верификуваше преку извештајот на Европската комисија за напредокот на државата.

Заев, кој вчера ја посети Преспа, каде се одржа манифестација за афирмација на регионот во духот на Договорот, а вечерта беше во Охрид на седница на Централниот одбор на СДСМ, каде се избираше највисокото партиско раководство рече дека уверувањата се добиени од земјите-членки, Европскиот совет ќе донесе заклучок, ќе има изјави на 20-21 јуни, а секако Бундестагот ќе ја направи верификацијата за извештајот во септември и конечно добивањето на датумот ќе следи во октомври.

Тој истакна дека доколку пролонгирањето на извештајот и самиот датум за преговори е заради констелацијата поради изборите за Европарламентот и доколку тоа е причината за пролонгирањето за одлуката за датум за преговори, важно е конечно да биде донесена одлуката, па нека биде и во октомври.

Според експертите ние нашите задачи ги завршивме речиси во целост и ја префрливме топката на теренот на ЕУ. Според Извештајот на ЕК има доволно аргументи Советот на министрите во вторник да донесе позитивна одлука за почеток на преговорите, но таа одлука не зависи само од овој Извештај туку од потешкотиите во дефинирањето на календарот  за носење на одлуките заради внатрешните задачи што и престојат на ЕУ.

Советникот за евроатлантска интеграција во канцеларијата на премиерот и главен технички преговарач Бојан Маричиќ  на презентација на Компаративната анализа на извештаите на ЕК посочи дека Владата по носењето на Извештајот спроведе интензивна дипломатска офанзива во сите поголеми градови во Европа и Брисел за лобирање со цел започнување на преговорите ова лето. Таму, како што рече, главен аргумент е оценувањето на земјата според индивидуалните заслуги наведувајќи ги меѓу другото и решените спорови  со Грција и со Бугарија, имплементацијата на договорот од Преспа.

Според Петковски од Евротинк главниот аргумент на политичките елити во Германија и Франција и други држави зошто имаат резерви кон проширувањето е порастот на десничарскиот популизам во Европа, но вели, против него не може да се изборите со запирање на проширувањето. Втора причина е и фактот што наскоро во Грција ќе има нова Влада.

-Знаеме дека Преспа е најсилниот аргумент со кој нашата држава може да пристапи и да бара да се одблокираат процесите. Ќе има нова влада која што не е многу наклонета на Преспа. Знаеме дека имплементацијата на Преспанскиот договор, зависи од динамиката на пристапување на Македонија кон Европа, така што повторно би ја упатил таа порака дека е битно не само симболички да се отворат преговорите туку е и многу практичен акт, во спротивно нема да биде казнета само нашата Влада, туку нашето општество, рече Петковски.

А францускиот амбасадор Кристијан Тимоние викендов напомена дека одредени реформи се веќе спроведени, остануваат и други реформи што треба да се спроведат и навистина билансот е веќе направен. Порача дека месеците кои претстојат треба да се искористат на најдобар начин за да може реформската агенда целосно да се спроведе, особено тука го спомена Специјалното јавно обвинителство.

Тој и неговиот германски колега Томас Герберих заедно присуствуваа на настанот „Запознај ја Преспа“, а Герберих порача дека Република Северна Македонија треба да добие датум за преговори и додаде дека во претходните две години, државата и Владата направиле се што е потребно. Преспанскиот договор го оцени како договор од историски размери, кој е многу важен за целиот регион.

Утре министрите за надворешни и европски работи на земјите членки на ЕУ ќе заседаваат во Луксембург, а на дневен ред се извештаите за напредокот на земјите од Западниот Балкан и проширувањето. Северна Македонија и Албанија ќе бидат главна тема на преговорите во овој дел. Министрите треба да одлучат дали и кога овие две земји ќе ги започнат преговорите за членство во ЕУ, како што препорача Европската Комисија на 29 мај во своите извештаи.

До сега не е постигнат консензус помеѓу земјите членки за заклучоците на овој состанок, а на амбасадорско ниво во Брисел интензивно се водат консултации и се расчистува патот до компромис изминативе денови. Според дипломатите во Брисел, голем број земји членки сметаат дека е потребна позитивна одлука за двете земји веќе во јуни, додека други сметаат дека одлуката треба да се одложи за на есен.

Одлуката што ќе ја донесат министрите во вторник потоа ќе треба да биде потврдена од страна на шефовите на држави и влади на ЕУ на Европскиот Совет на 20 и 21 јуни во Брисел.