Македонија
2. January 2022 - 16:37

Една година по пожарот во „Глобал“ истрагата нема одговор за причините

Од големиот пожар во трговскиот центар Глобал во Струмица помина една година, но причините за неговото избувнување и понатаму остануваат непознати. Обвинителството работи на случајот, но јавно обвинителска одлука се уште нема.  Струмичкото обвинителство  го чека и извештајот од хидро вештачењето. Откако овој извештај ќе биде разгледан и направена анализа на останатите докази ќе се донесе и соодветна одлука.

„Основното јавно обвинителство Струмица го очекува извештајот од нареденото вештачење од хидроинженер од Бирото за судски вештачења. По пристигнување на извештајот, надлежниот јавен обвинител ќе ги разгледа и анализира сите прибрани материјални и вербални докази поединечно и во нивниот сооднос , по што ќе донесе соодветна јавно обвинителска одлука“, информираа од обвинителството.

Одговори очекуваат и економските оператори кои стопанисуваат во трговскиот центар. Во меѓувреме тие веќе ја завршија обновата на објектот и повторно го ставија во функција. Во реновирањето посебен акцент бил ставен на на хидрантската мрежа и безбедноста на објектот.

„Повеќе од 90 до 95% е комплетно реновиран. Исто така би сакал да се заблагодарам на сите поединци и фирми кои што несебично дадоа придонес тоа да успее, да го направиме целиот Глобал. Инаку имаме преземено и доста работи со кои што во иднина нема да дозволиме пак да ни се случи истото. Хидрантите се комплетно реновирани, имаме сега обезбедување, а во наредните месеци сме во преговори да потпишене и договори за инсталирање на против пожарен систем“, вели Благој Кушовски, претседател на Здружение „Глобал Шопинг Мол“.

Во пожарот во трговскиот центар Глобал кој избувна доцна вечерта на 2 јануари минатата година беа оштетени 44 деловни објекти и 24 тезги. Засега нема конкретни  информации за причинетата материјална штета. По барање на обвинителството и за тоа требаше да се  произнесе вешто лице. Според Последните информации кои беа базирани врз основа на пријавите и поднесените барања до општинската комисија за проценка на штети  сумата која беше евидентирана  во извештајот изнесуваше нешто повеќе  од еден милион евра.