Македонија
25. September 2018 - 22:02

Една година од првата емисија на македонски јазик на aлбанска државна телевизија

Вториот канал на албанската државна телевизија РТШ, на денешен ден пред една година, по првпат почна  со емитување емисии на јазиците на малцинствата, вклучувајќи ги и емисиите на македонски јазик.

Освен информативаната емисија-вести, се емитуваат и документарни емисии, музика, репортажи, образовни емисии, серии со кои се промовираат и се афирмираат културата, обичаите, традицијата и сите останати вредности на малцинствата.

- Ми преставуваше голема чест што јас ги презентирав првите кратки вести на македонски јазик. Тоа чувство кога се обраќате на мајчин јазик е преубаво, не може да се опише. Сакам да истакнам голема благодарност до екипата, која учествуваше на самиот почеток, без умор и доброволно работење - Естела Ѓурѓај и Теодора Танас. Голема благодарност и до Маријана Костоски и Илче Костовски кои продолжија онаму каде што ние застанавме, и се уште без умор продолжуваат да ги подготвуваат и читаат вестите на македонски, изјави за МИА Нико Китани, кој се надева дека времетраењето на блокот на македонски јазик ќе се зголеми.

Китани, изкажувa голема благодарност и до Македонците од Канада и Австралија кои на почеток  им дале голема помош.

Емисијата на македонски јазик се емитува секој ден, од понеделник до петок, од 20:30 – 21:00 часот. Од полчасовниот термин  5 - 7 минути се отстапуваат за емисијата вести, а во останатите минути се емитуваат прилози поврзани со македонската култура, традиција, обичаи.

Китани, кој е член на Комитетот за малцинства при Владата на Република Албанија, во 2014 година, ја упати првата Новогодишна честитка на македонски јазик на државната радио телевизија, РТШ.