Македонија
27. April 2018 - 23:04

Една година од насилството во Собранието, кога толпа ги нападна пратениците

Една година по обидот за уривање на демократијата, Македонија излезе од политичката криза и се врати на патот за членство во Европската унија. Вака премиерот Заев ја оцени состојбата во државата по ланските настани во собранието од 27 април. Очекува дека правниот систем ќе ги открие иницијаторите на случувањата но потенцира дека е невозможно обвинетите да добијат помилување за стореното.

За собранискиот спикер Џафери, 27 април треба да остане во меморијата на сите за никогаш да не се повтори. Тој вели дека може да им прости на сите кои во тие мигови не биле на ниво на задачата и покрај мислењето дека безбедносниот систем во собранието не дозволува влез на толпата однадвор.

Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, една година подоцна, СДСМ и ДУИ профитираат а државата и граѓаните губат секојдневно. Во реакцијата велат дека животот дошол само за криминалниот картел во власта.

„ Една година по настаните од 27 април, нема никаква истрага за политичкото насилство сторено врз Уставот. Се монтираат политички обвиненија и оперски пејачи се прогласуваат за терористи, а никој не прашува кој ја даде наредбата и зошто токму во време на протестите беше донесена одлука да се реализира неуставниот избор за претседател на Собранието?“, пишуваат во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ..

Инаку изјавите по повод годишнината од случувањата на 27 април, Заев и Џафери  ги дадоа токму во собранискиот прес центар каде минатата година беа нападнати од толпата граѓани кои влегоа во законодавниот дом. Премиерот и собранискиот спикер беа придружувани и од останатите пратеници од СДСМ.