Македонија
27. December 2018 - 18:40

Едмонд Адеми: Делата на Стерјо Спасе значаен мост на соработка меѓу Македонија и Албанија

Министерот во Владата задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми, денеска во Корча присуствуваше на научен симпозиум посветен на „Животот и литературното дело на Стерјо Спасе“  во организација на Универзитетот „Фан С. Ноли“  и Македонското друштво „Сонце“.

Свеченото отварање на научниот симпозиум беше направено од ректорот на Универзитетот „Фан С. Ноли“,  проф. д-р Али Јашари, додека свое поздравно излагање имаа министерот Едмонд Адеми, претседателот на Албанија Илири Мета и претседателот на македонското друштво „Сонце“,  Васил Стерјовски.

На научниот симпозиум, пристуен беше и вршителот на работите во Амбасадата на Република Македонија во Тирана, амбасадорот Данчо Марковски.

Министерот Едмонд Адеми, во својот поздравен говор ја истакна важноста на литературните дела на писателот Стерјо Спасе и се осврна на неговиот значаен придонес за подобра интеграција на македонското малцинство во албанското општество .

Министерот Адеми меѓу другото нагласи дека творештвото на Стерјо Спасе претставува и важен мост помеѓу Македонците и Албанците и токму градењето на мостови на соработка, разбирање, развивање и интегрирање во Европската унија се заеднички определби на двете држави, што уште во своето време ги поставил токму Стерјо Спасе.

Претседателот на Република Албанија Мета ја истакна придобивката и  значајноста на литературното творештво на Стерјо Спасе во Албанија и ја потврди важноста на делата и животот на писателот во однос на пријателските односи меѓу Албанија и Македонија.

Претседателот на македонското друштво Сонце, Васил Стерјовски,  информираше за важноста и за огромниот придонес на овој значаен писател за македонското малцинство во Албанија и ги поздрави напорите на двете влади за зачувување и зајакнување на добрите односи што токму Стерјо Спасе ги постави уште многу одамна.

На научниот симпозиум се одржа и работна сесија во која се истакнуваше важноста на литературното творештво на Стерјо Спасе, а на која учествуваа академци и професори од Република Македонија и Република Албанија, меѓу кој и самиот син на писателот Спасе, Проф. д-р Илинден Спасе  кој во име на покојниот писател Стерјо Спасе ја прими титулата   „Витез на Редот на знамето“  од претседателот на Република Албанија, Илир Мета.