Балкан
14. January 2017 - 8:55

Едита Тахири: Србија станува опасност за мирот и стабилноста во регионот

Косовската министерка за дијалог Едита Тахири побара ЕУ да го запре, како што рече, „нелегалниот српски воз“ на релација Белград - Косовска Митровица, за кој оцеми дека претставува провокација во правец на дестабилизација на Косово.

- Србија продолжува со сериозните провокации против Косово, спротивни на духот на бриселскиот договор за нормализација на односите. Предупредувам на покренувањето нова илегална линија Белград - Митровица, бидејќи тоа е агресивно мешање во државната сувереност на Косово и уште еден доказ дека Србија сака да го дестабилизира Косово, изјави Тахири, јави порталот Кос сев, пренесува Танјуг.

Тахири истакна дека Србија станува опасност за мирот и стабилноста во регионот и меѓународната заедница мора да ја запре Србија.

- Србија има опасен план, кој би требало да не загрижи сите нас - и Косово и меѓународните партнери. Ова сега е провокација кон Косово, што укажува дека Србија отворено ја покажува својата агресивна политика, која го загрозува суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово и национална безбедност, изјави косовската министерка.

Претходно, претставници на српските власти, а по повод денешниот почеток со работа на железничката линија меѓу Белград и Косовска Митровица, изјавија дека не очекуваат косовските власти да го спречат влезот на возот во Косово, бидејќи, таквиот третман би имал врска со национализам, шовинизам и ограничување на основните човекови права.