Македонија
19. April 2016 - 18:15

Единаесет доктори на специјализација во Белград и во Загреб

Единаесет доктори ќе заминат на специјализација во Белград и во Загреб, каде што ќе ги усовршуваат знаењата и искуствата во седум различни медицински области - дигестивна хирургија, офталмологија, гинекологија и акушерство, анестизиологија, трауматологија, интерна медицина и општа хирургија.

- Десет доктори ги испраќаме на специјализација во Србија и една докторка ја испраќаме на специјализација во Хрватска. Ова е во рамки на политиката на Министерството за здравство за зајакнување на специјалистичкиот кадар во здравствените установи во Република Македонија, со тоа што одлуката е определен број специјализанти да ги испраќаме на специјализација во странство и тие да се вратат со знаења и искуство и веднаш да се вклучат во работата на здравствените установи, изјави министерот за здравство Никола Тодоров по работен состанок со специјализантите.

Општата болница во Прилеп, потенцира, ќе биде зајакната со тројца специјалисти и тоа една специјализација е обезбедена во областа на дигестивна хирургија и тоа ќе биде за првпат, имајќи предвид дека досега специјалистите се од областа на општата хирургија, еден специјалист е од областа на офталмологија со што сакаме дополнително да ја зајакнеме ова одделение и да се зголеми бројот на интервенции особено на хирургијата и фако методата. 

- Ќе се овозможи целиот регион на Прилеп, Македонски Брод и околината да биде покриен со специјалисти од оваа област. Исто така и една докторка ќе оди на специјализација од областа на гинекологија и акушерство, рече Тодоров.

Нагласи дека покрај оваа специјализација од областа на гинекологија и акушерство имаат обезбедено дополнителни три специјализации и со нивно завршување и со враќање на овие специјалисти ќе биде зајакнато гинеколошкото одделение во Прилеп.

Појасни дека овозможуваат од Клиниката за хирушки болести да се испрати специјализант, кој ќе специјализира од областа на ортопедија и трауматологија, од Општата болница во Охрид имаат две специјализации по општа хирургија со што сакаат да постигнат зголемување на бројот на хирушки интервенции кои се вршат во таа болница која има една од најсовремените здравствени инфраструктури и нова опрема и работиме на зајакнување на кадарот.

- Во Општата болница во Струмица имаме две специјализации - едната од областа на интерна медицина, а другата од областа на гинекологија и акушерство. Во Клиничката болница во Битола двајца специјализанти ќе бидат упатени на специјализација по анестизија што е од исклучително значење имајќи предвид дека оваа специјализација е потребна и во делот на хирушките интервенции и хирушките одделенија и во делот на интензивното лекување, истакна Тодоров.

Посочи дека анестезиологијата е една од дефицитарните гранки на специјализации во Македонија, има недостиг на анестезиолози и ова е решение во таа насока.

Од 2012 година, досега, појасни, во Македонија имаме одобрено над 1.000 специјализации. Според него, тоа е огромна бројка, нешто што го немало во минатото. Укажа дека тенденцијата или интересот на Министерството за здравство е да овозможат секој лекар кој сака да специјализира, да може да специјализира односно да не се кочат лекарите во нивниот професионален развој, а со тоа и да се овозможат граѓаните да добиваат услуга поблиску до местото на живеење.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека докторите многу брзо ќе заминат на специјализација.

- Договорите се потпишани, решенијата се донесени. Од Министерството за здравство ќе им бидат обезбедени средства за стан, 500 евра во текот на месецот за одвоен живот и платата која ќе ја земаат тука, додаде Тодоров.

Доктор Моника Самарџиоска од Општата болница во Прилеп изјави дека ќе оди на специјализација по офталмологија во Белград и изрази надеж дека ќе стекне добро искуство и ќе се врати со нови знаења од таа специјалност.

- Се надевам дека ќе можам да ја развијам офталмохирургијата во Прилепската болница и дека максимално ќе ја искористам оваа можност за една сработка меѓу Општата болница-Прилеп, Клиниката за офталмогија во Скопје и Клиниката за офталмологија во Белграф, додаде Самарџиоска.