Македонија
25. October 2015 - 16:11

Еден загинат и четврица повредени во сообраќајка на патот Охрид- Струга

Неприлагодената брзона е можна причина за сообраќајната несреќа што се случи синоќа околу 20 часот на регионалниот пат Охрид – Струга кај Еврохотел, во која животот го загуби 29-годишниот Ајнур Ц. од Кичево, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски. 

Тој додаде дека Ајнур Ц. од силината на ударот и здобиените повреди починал на лице место, а смртта ја констатирал доктор од Брзата помош во Струга.

- Сообраќајната незгода се случила поради можна неприлагодена брзина на управување на возилото кон условите на регионалниот пат. Возачот М.М. изгубил контрола над возилото кое излетало од коловозот и паднало во канал на десната страна, истакна Димоски.

Во незгодата беа повредени уште четири лица од Кичево, од кои две се задржани на лекување, а две со полесни повреди по укажаната помош во струшката Болница се пуштени на домашно лекување.

- Во незгодата со тешки телесни повреди фрактура на лева клучна коска и фрактура на три ребра на лева страна се здобил возачот  на возилото М.М. (28) од Кичево. Совозачот Е.М. (24) се задобил со фрактура на карлица и фрактура на пет ребра на лева страна од граден кош. Двете лица со возило на Брза помош се пренесени во Болницата во Струга од каде се префрлени во Специјалната болница „Св.Еразмо“ во Охрид, а потоа во општата Болница – Охрид, каде се задржани на натамошно лекување, изјави Димоски.

Сопатниците во возилото Р.Х. (18) и Д.И. (20), како што појасни, се задобиле со изгреботини и набиеници во пределот на главата и телото. Тие со возило на Брза помош се пренесени во Општа болница-Струга и по укажаната лекарска помош биле пуштени на домашно лекување.

На местото на тешката сообраќајна незгода извршен е увид во присуство на јавен обвинител од Основниот суд во Струга како и полициски екипи од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај-Струга.