Бизнис
11. April 2021 - 16:48

Еден стан, шест купувачи – Дали Обвинителството ќе отвори истрага за новиот скопски ФИКОМ?

6 купувачи на ист стан. Граѓаните измамени, но не од сопственикот, туку од агентот за недвижнини. Оштетените му давале капар, кој по 1.000, кој по 8 илјади евра. Им ветил дека ќе склучат купопродаежен договор, веднаш штом го платат данокот на имот. Договорите за капар ги потпишале, но без присуство на сопственикот на станот, од кого агентот имал потпис, кај ист адвокат.

Ова е зградата на улица „Новопроектирана“, во населбата Расадник каде агентот за недвижнини го нудел за продажба станот на 2 кат дури на 6 купувачи. Успеал само од капар од сите нив вкупно да наплати 32.000 евра. Ниската цена од 46 квадрати за 40.000 евра била причини парите да му ги дадат на рака.

На двајца купувачи им стигнало Решение за данок на имот од градот Скопје. Кога го платиле дознаваат дека има повеќе сопственици, односно купувачи на истиот стан. Сфаќаат дека се измамени, по што случајот го пријавуваат во МВР. Го однеле и агентот, кој им ветил дека парите ќе им ги врати за 10 дена. Но и по 20 дена нема ни трага ни глас ни од парите, ни од агентот. Предметот од МВР и по 3 недели, се уште не е стигнат до Јавното Обвинителство. Штом ќе го добијат, ќе постапуваат по пријавата, односно ќе одлучуваат дали агентот кривично ќе го гонат, ни изјавија од Обвинителството. Од градот Скопје пак одговор на прашањето како е можно да прифатат даночни пријави од различни обврзници за ист стан, ни најавија за утре. Во меѓувреме потенцијалните купувачи, не сакаат јавно да говорат, додека не се изјаснат институциите. Веруваат во правдата, но се жалат дека доста бавно се доаѓа до неа.