Македонија
24. August 2019 - 16:53

Еден мигрант загина, десетина повредени со сообраќајка - возачот во бегство

17 годишен мигрант повреден во сообраќајната несреќа на автопатот Демир Капија – Неготино со тешки повреди на лицето и крварење во мозокот околу полноќ е хоспитализиран на КАРИЛ, но е надвор од животна опасност, информираше директорот на Ургентниот Центар доктор Алберт Леши.

На трауматологија со скршеници по телото на лекување е задржан уште еден од повредените мигранти, а другите двајца имале полесни повреди и со полициска придружба биле вратени во Транзитниот центар. На другите 8 лекарска помош им била пружена во кавадаречката болница.

На лице место во собраќајката загина 20 годишно момче од Бангладеш. Возачот кој во “Фолксваген Фејтот” превезувал вкупно 13 мигранти- десет од Пакистан и 3-ца од Бангладеш откако удрил во камион “Сканија” избегал од местото на несреќата. Полицијата сеуште трага по него.

-Извршен е увид, и во соработка со јавното обвинителство се работи на расчистување на случајот, изјави Тони Ангеловски, портпарол на МВР.

Од МВР информираа дека годинава зголемен е бројот на илегални преминувања посебно на јужната граница, но и зголемен бил бројот на сузбивање на ваквите обиди. Во првите шест месеци полицијата против 44 лица поднела кривични пријави за криумчарење мигранти.