Македонија
8. јуни 2023 - 16:43

Еден месец по пожарот нова надеж за мостот „Беласица“

Хулигани намерно го запалиле мостот „Беласица“, вели скопската градоначалничка. Ова го покажал првичниот увид испратен до градот Скопје. Арсовска побара поголема ажурност од институциите.

Од она што прелиминарно го имаме како информација од МВР и доказите кои се прибрани на лице место е дека се работи за намерно потпалување и затоа самите институции треба да постапат во насока на тоа да се најдат сторителите и истите да бидат санкционирани.“ – Данела Арсовска, градоначалничка на Скопје

Мостот можел да биде отворен веднаш, но Градот решил да се почека целото вештачење за да нема ризик по безбедноста на граѓаните.  Кога ќе биде тоа, засега нема прецизен датум.

Она што го имаме од експертите по овие првични испитувања е дека би можело да се отвори и за пешаци и за велосипедисти, а дури и две траки за возење во по еден правец веднаш, меѓутоа одлучивме да почекаме точни и прецизни информации и потоа доколку треба некоја ситна санација или реконструкција, истото да се изврши и да биде ставено во употреба.“ – Данела Арсовска, градоначалничка на Скопје

На граѓаните не им се чека. Иако барикадите се уште стојат, пешаци, велосипедисти, па дури и моторџии поминуваат низ мостот како да не се случило ништо. На терен веќе ги нема ниту полицајците од двете страни на мостот кои ги пренасочуваа граѓаните.

Проектантот на мостот, Вукан Њагуљ, кон крајот на минатиот месец рече дека оштетувањата се големи и треба да се третираат сериозно со детални испитувања и проверки.

Мостот Беласица е затворен речиси еден месец, откако на 12-ти мај во пожар изгоре дел од конструкцијата. Тогаш на надлежните им беа потребни цели 4 часа за гаснење на огнот.

Изгореа цефководите од долниот дел на мостот, а според проценките температурата достигнала илјада степени целзиусови.