Свет
3. May 2017 - 18:59

ЕЦФР: Германија, а не Кина ќе биде најголем непријател на Трамп

Европскиот Совет за надворешни работи (ЕФЦР) смета дека Германија, а не Кина ќе биде најголемиот непријател на новиот американски претседател Доналд Трамп.

Во анализата на двајца експерти на ЕФРЦ Улрике Естер Франке и Марк Леонард се вели дека новата американска политика има некохеретен однос кон многу прашања и често пати го менува својот став но кога се работи за Германија и негативниот пристап кон властите во Берлин ставот на Вашингтон е јасен и недвосмислен.

Според авторите, Трамп честопати ја напаѓа глобализацијата и слободната трговија, бара нови преговори за трговскиот договор НАФТА а ги прекина преговорите за трансатланскиот трговски договор што е целосно спротивно на интересите на Германија која својот економски модел го базира на поголем извоз од увоз.

Според експертите на паневропската невладина организација која што има силно влијание во Брисел, Трамп гледа непријател во Германија и поради политиката на отворени врати за бегалците којашто е спротивна и ги урива позициите на Белата Куќа за прием на емигранти.

Друга причина за непријателство меѓу Вашингтон и Берлин е односот кон меѓународните организации. Додека според Германија, Обединетите Нации, Светската Трговска Организација и ЕУ се елементи на систем кој гарантира правда и еднаквост за сите, за Трамп овие организации се обидуваат да ја намалат моќта на САД и даваат можност за искористување на Америка.

Според Естер Франке и Леонард можно е сите овие теми на судир меѓу двете земји да се надминат мирно со оглед на неодамнешните изјави на Трамп кој рече дека меѓу него и Меркел имало „неверојатна хемија“ но опасноста од отворено непријателство е се уште голема и време е тоа да го признае и Германија.

Европскиот совет на надворешни работи е основан во 2007 година од страна на 50 членови а сега во него членуваат над 270 политичари, актуелни и екс премиери и министри, пратеници, еврокомесари, екс генерални секретари на НАТО, новинари, бизнисмени како и експерти од цела Европа.