Бизнис
9. March 2016 - 19:47

ДЗС: Раст на индустриското производство од 8% во јануари

Пораст на индустриското производство во првиот месец од годинината, евидентира заводот за статитистика. Производството се зголемило за 8 проценти во однос на истиот месец лани.

Растот е предводен од капиталните производи каде има зголемување од речиси 30%. По сектори, клучната, преработувачка индустрија бележи пораст од 6,4%. Рударството бележи пад од 2,7%.

Во својот најнов извештај народната банка смета дека поволните трендови во домашната економија може да придонесат за повисок севкупен раст од очекуваното.

- По растот на БДП од 3,5 проценти во третиот квартал, најновите расположливи показатели упатуваат на веројатно задржување на солидното темпо на раст и во четвртиот квартал при поволни движења регистрирани во главните економски сектори. Досегашните движења кај показателите за економската активност упатуваат на можност за умерено повисок раст во 2015 година од очекуваниот, стои во извештајот.

Сепак банката нотира дека и покрај овие поволни движења, неизвесното глобално закрепнување, а особено неповолните услови на глобалниот пазар на метали и неизвесноста заради домашните политички случувања и понатаму остануваат ризици коишто може да влијаат на темпото на идното закрепнување.