Македонија
11. September 2021 - 16:41

ДЗС не регистрирал лица кои одбиле да се попишат - од таму уверуваат дека пописот се одвива нормално

Пописот се одвивива нормално, уверуваат од Државниот завод за статистика, иако на официјалниот сајт последните податоци за попишано население се од пред 3 дена.

„Во последниве денови се појавија голем број шпекулации околу тоа како се спроведува попишувањето во државата и со какви проблеми се соочува Државниот завод за статистика во теренските активности.
При спроведување на големи акции од типот на попис, со користење на високософистицирана технологија, сосема нормално е да се појавуваат технички проблеми кои се надминуваат во од, односно во најкус можен рок.
Зад оваа статистичка операција стои експертски тим за поддршка кој  им е постојано на располагање на попишувачите и кој во живо го следи процесот на попишување на терен и интервенира во истиот момент доколку се појави некој проблем”, пишува во соопштението од Статистика, од каде велат дека поради интензивната работа на терен со јавноста можат да комуницираат единствено преку соопштенија.

Од Статистика велат дека до сега не се соочиле со бојкот од страна на граѓаните, иако на социјалните мрежи се појавија снимки од граѓани кои одбиваат да ги дадат своите податоци на попишувачите. Од Статистика велат дека ако некој одбие да учествува, попишувачите ќе го посетат и по неколку пати, а казните се последна опција.

Пописот започна за 5 септември, но со серија пречки и постојани прекини. Уште вториот ден имаше софтверски проблеми, на чие решавање се работеше и третиот ден и затоа системот не беше постојано функционален. Следуваше ден одмор за празникот 8 септември. Потоа, според тврдењето на Статистика, пописот на терен продолжил ама со намален интензитет поради техничките интервенции во софтверот за пописната апликација.
Но, проблемите не застануваат тука. Веб страната на Државниот завод за статистика е под постојани напади. Сепак, од Статистика уверуваат дека податоците се соодветно заштитени и безбедни.

И покрај секојдневните прекини од Државниот завод за статистика се задоволни од темпото на попишување и приемот од граѓаните. Очекуваат успешен попис, кој ќе заврши во предвидениот рок, односно до крајот од месецов.
Инаку, според последните податоци од пред три дена, до сега на терен се попишани скоро 200.000 лица, а од дијаспората електронски се самопопишале 192.000 граѓани.