Бизнис
15. February 2016 - 13:10

ДЗС: Економската состојба на деловните субјекти во јануари поповолна од декември

Оценката за економската состојба на деловните субјекти во јануари е поповолна во споредба со декември, а истото се однесува и за оценката за бројот на вработени.

Државниот завод за статистика денеска повикувајќи се на оценката на раководителите на деловните субјекти, објави дека индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во јануари е за 0,4 процентни поени зголемен во однос на декември, а во споредба со јануари 2015 година е зголемен за 8,2 процентни поени.

Очекувањата се дека обемот на производството во следните три месеци ќе се зголеми, додека состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во јануари во однос на декември е понеповолна. Намалени се и залихите на готови производи. 

Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во јануари изнесува 64,5 отсто од нормалното искористување.

Најголемо влијание на ограничувањето на обемот на производството имаат недоволната странска побарувачка, недоволната домашна побарувачка, недостигот на квалификувана работна сила и неизвесното економско опкружување.