Македонија
20. March 2019 - 20:00

ДЗС апелира за поголема превенција од пожари, алармантна состојбата со пожари во Крива Паланка

За дваесет дена во март на подрачјето на општина Крива Паланка се случиле осумнаесет пожари, од кои седумнаесет на отворен простор поради што Подрачната единица на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) денеска одржа координативен состанок со сите надлежни институции од општината за поуспешно имплементирање на превентивните мерки за заштита од пожари.

– Со зголемување на температурата на воздухот се зголемува опасноста од појава на пожари на отворен простор, а истовремено по анализата на минатогодишната бројка на пожари на подрачјето на општината во првото тримесечје и март воопшто, неопходно беше да се подигне нивото на превенција, да ги ажурираме локалните чинители, институции и надлежните органи со цел сузбивање на состојбата што зема замав. Оперативниот штаб за заштита во кризни состојби ќе се координира за да се дејствува максимум превентивно бидејќи доколку сега има толку многу пожари, при расчистување на земјоделски површини, летото при многу високи температури би било уште поризично, изјави Митко Ангеловски, раководител на Подрачната единицица на ДЗС Крива Паланка.
 
Од Јавно претпријатие „Македонски шуми“ нагласија дека лани се случиле само два пожари на отворено во март, а оваа година дури осумнаесет што предизвикува огромна штета на државата, на шумскиот фонд во општината. Само во пожарот во село Киселица опожарена е површина од над 18 хектари, во пожарот кај Криви Камен е предизвикана материјална штета од над 450.000 денари. Неопходно е, истакнаа, да се изврши опомена на земјоделците при расчистувањето и палење на стрништа, да внимаваат или воопшто да не палат оган на отворен простор.
 
– Средбата е неопходна поради поголема вклученост на сите. Општината издаде апел да не се пали оган на отворено и за внимателно движење во шуми, а направиме и опремување со потребните ресурси на Територијалната противпожарна единица од градот, која е и кадровски доекипирана. Тоа не значи дека сме превенирале и решиле се, напротив, мора многу ажурно да работиме на подигнување на свеста кај граѓаните.Комуналните инспектори и редарска служба ги предупредија граѓаните во урбаниот дел, што вроди со плод и мислам дека треба да се продолжи и во руралните подрачја. Истовремено, општината ќе подготви и флаери со препораки и ќе бидат доставени до месните заедници и локалните објекти, за што поголема превенција од пожари, изјави градоначалникот на општина Крива Паланка Борјанчо Мицевски.
 
На состанокот присуствуваа одговорните од ДЗС Крива Паланка, ЈП „Македонски шуми“, ПШС „Осогово“, Полициската станица од општа надлежност Крива Паланка, Одделение на гранична полиција и шумска полиција. В петок, на 22 март, состанок ќе одржи и локалниот совет за превенција.