Свет
25. November 2016 - 12:40

Џозеф Мускат: Лидерите на ЕУ не блефираат околу условите за Брегзит

Премиерот на Малта, Џозеф Мускат изјави дека лидерите на ЕУ не блефираат кога велат дека Велика Британија ќе остане без пристап до заедничкиот пазар на Унијата, доколку Владата во Лондон не прифати слободно движење за европските државјани.

Во интервју за Би-Би-Си, малтешкиот премиер вели дека „ова е реалната и вистинската позиција“ на сите земји во ЕУ и дека ништо околу тоа не се менува.

Британската Влада најави дека до март идната година ќе го покрене член 50 од Лисабонскиот договор, со што би отпочнал процесот на преговори за излез на Велика Британија од ЕУ.

Малта од 1 јануари го презема шестмесечното претседавање со Унијата.

Главнината на сегашните дебати во британската јавност се сведуваат на тоа дали да има „нежен“ Брегзит, што значи Велика Британија да задржи некоја форма од заедничкиот пазар, а за возврат да направи отстапки од контролата на границите, или „тврд“ Брегзит, со откажување од заедничкиот пазар и воспоставување целосна гранична контрола.

Малтешкиот премиер порача дека Велика Британија и ЕУ, претходно, треба да се согласност околу низа други детали, кога Лондон ќе го покрене членот 50, па потоа да се премине на она за што сега Британците најмногу се интересираат.

Тоа, според него, значи дека Велика Британија прво треба да плати, пред да си замине, а потоа и да се договори со Република Ирска околу нивните меѓусебни односи во врска со границата и да направи првремен договор за безбедноста со владата во Даблин.

Премиерот Мускат ги отфрли како нереални изјавите на британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон дека Велика Британија би можела да остане во заеничкиот пазар, но и да го лимитира движењето на работната сила од земјите членки на ЕУ.

- Тоа едноставно не може да се случи. ЕУ сака фер договор со Велика Британија, но тоа не може да се претвори во градење супериорен однос (на Британците) кон Унијата, изјави за Би-Би-Си, малтешкиот премиер Мускат.