Свет
1. March 2017 - 13:28

Џорџ Озборн е против Брегзит без претходно постигнат договор за трговија со ЕУ

Поранешниот британски министер за финансии Џорџ Озборн предупреди дека напуштањето на ЕУ, без претходно да се обезбеди каков било  договор за трговија со Унијата, ќе предизвика акт на протекционизам каков досега немало во британската историја.

Озборн, кој поднесе оставка по поразот на референдумот за ЕУ, од 23 јуни минатата година, во разговор со претставници на крупниот британски бизнис, изјави дека Британија не би требало да се потпира на нови трговски договори, по Брегзит, занемарувајќи ја ЕУ.

Според објаснувањето на овој поранешен министер, кој во кампањата за референдумот беше за останување на земјата во Унијата, сега не станува збор за !агитирање за ЕУ до последниот здив„ туку за иднината на домашната економија.

- Необезбедувањето договор ( со Унијата) скапо ќе ја чини британската економија, затоа што за повеќе од 50 отсто ќе се зголемат трошоците на домашниот извоз, рече Озборн.

Поранешниот министер, кој важеше како еден од најсилните кандидати за наследник на тогашниот премиер Дејвид Камерон, смета дека не може земјата и нејзината економија да останат без договор со најголемиот британски извозен пазар, каков што е оној на ЕУ.

Неговите предупредувања се сосема различни од еуфоричниот оптимизам што се уште ги одржува главните застапници на идејата за напуштање на ЕУ.

Министерот за надврешни работи Борис Џонсон ја уверува домашната јавност, дека по Брегзит, Британија ќе биде дури и „поевропска од сега и поинтернационална, во исто време“.

Британскиот Форин Офис тврди дека „постојат сите шанси“ за да се издејствува еден „победнички“ договор за раздружување со ЕУ, во следните две години, додека премиерот Тереза Меј е „убедена во постигнувањето договор за слободна трговија со Унијата“.

Во Лондон засега се игнорираат навестувањата на европските политичари и на функционерите на ЕУ, дека Британија при Брегзит ке добие се што ке побара, а посебно дека доколку сака договор за слободна трговија и за пристап до заедничкиот пазар на ЕУ, ќе мора да ги прифати и правиата на Унијата.

Британски економски експерти предупредуваат дека владата на Меј треба да се подготвува за „непредвидливи сценарија„ што може да се појавата во следните, најмалку две години и на непланирани ситуации.

Во октомври минатата година јапонската компанија „Нисан“ најави две нови крупни инвестиции во Британија, но нејзин висок функционер три месеци потоа, порачува дека тој план ке се регулира во зависност од случувањата поврзани со Брегзит.