Свет
8. July 2021 - 18:13

Џонсон: Велика Британија ја повлече речиси целата војска од Авганистан

Поголемиот дел од британската војска се повлече од Авганистан, изјави денеска британскиот премиер Борис Џонсон, со што Велика Британија ја заврши официјалната улога во дводеценискиот конфликт, во момент кога постои стравување дека заминувањето на странските трупи од ова земја може да доведе до хаотична граѓанска војна.

Британските сили за првпат беа распоредени во Авганистан во 2001 година, по нападите од 11.09. врз САД, и одиграа важна улога во борбените операции до 2014 година.

За изминатите две децении учество во мисијата во Авганистан убиени беа вкупно 457 британски војници.

-Сите британски војници кои беа во мисијата на НАТО во Авганистан сега се враќаат дома, рече Џонсон денеска пред парламентот.

„Од очигледни причини, јас нема да го откријам планот за нашето заминување, иако можам да му кажам на парламентот дека повеќето од нашите вработени веќе заминаа“, додаде тој.

Неколку недели откако претседателот Џо Бајден објави дека војската безусловно ќе се повлече од Авганистан до 11 септрември, насилството почна повторно да беснее во оваа земја.